X
 24.12.2025 Живот

„Лепрата не е лесно пренослива и целосно се лекува“, вели д-р Драган Кочински, откако во регионот се појави изолиран случај на болеста по три децении

Два случаи на заразната болест лепра се потврдени во Романија, а уште две лица што биле во близок контакт со пациентите се итно хоспитализирани. Локалните медиуми јавуваат дека две медицински сестри, вработени во СПА-центар во Клуж, неодамна се разболиле, а сега се хоспитализирани уште две нивни колешки кои биле во близок контакт со нив.

Романските медиуми известуваат дека сите четири жени се од Азија и дека работат во истиот СПА-центар во Клуж. Двете сестри се заразиле есенва, додека биле на одмор на Бали, каде што ја посетиле својата мајка, која боледувала од лепра.

По повеќе од 30 години, изолиран случај на лепра е потврден и во Хрватска. Хрватскиот институт за јавно здравје изјави дека пациент со симптоми се пријавил во епидемиолошката служба во Сплит пред околу десет дена и дека болеста е дијагностицирана навремено. Иако се работи за болест која не била забележана на ова поднебје повеќе од три децении, во јавноста почнаа да се поставуваат прашања колкава е опасноста од лепра, какви се симптомите и како треба да се реагира во случај на некаков сомнеж.

Ас. д-р Драган Кочински, раководител на Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје на Македонија, за „Факултети.мк“ објасни дека се работи за ретка хронична заразна болест која е целосно излечлива.

- Лепра е ретка хронична заразна болест предизвикана од бактеријата Mycobacterium Leprae. Денес, лепрата е целосно излечива болест благодарение на достапната и ефикасна антибиотска терапија. Болеста не е лесно пренослива. За пренос е потребен долготраен и близок контакт со лице со нелекувана лепра, најчесто во период од повеќе месеци или години. Инкубацискиот период е долг и може да трае и до 20 години од изложувањето до појавата на првите симптоми. Лепрата не се пренесува преку краткотрајни или вообичаени секојдневни контакти, како што се ракување, разговор, престој во иста просторија или користење јавен превоз - вели д-р Кочински. 



Тој објасни како да се препознаат симптомите на лепрата и како се лекува.

- Најчести симптоми се: кожни промени (посветли, потемни или црвенкави дамки) со намалено или изгубено чувство за допир, болка или температура, задебелување на периферните нерви, проследено со трнење, вкочанетост или слабост на мускулите, како и намалена чувствителност на очите или зафатеност на слузницата на носот. Лепрата е целосно излечива болест. Се лекува со комбинирана антибиотска терапија. Лицето престанува да биде заразно многу брзо по започнувањето на терапијата - објасни тој.

Според лекарите, раното откривање и навременото лекување на болеста може да спречат трајни оштетувања и инвалидитет и се клучни за прекинување на трансмисијата.

- При појава на болен од лепра, потребно е епидемиолошко истражување и следење на контактите, особено на блиските контакти од семејството или на лицата што биле изложени на долготраен контакт. По потреба се дава превентивна терапија за да се спречи болеста и да се прекине трансмисијата. Потребно е информирање и едукација на јавноста со цел да се спречи страв, паника и стигматизација. Не е потребна изолација или какви било ограничувања на секојдневните активности на лицата што се веќе на антибиотска терапија. Ризикот за општата популација е многу низок - објасни епидемиологот.



Според д-р Кочински, појавата на поединечни случаи не значи и враќање или широка циркулација на болеста.

- Лепрата и денес постои во одредени делови на светот, а појавата на поединечни случаи во други земји најчесто е поврзана со патување или подолг престој во ендемски земји. Лепрата сè уште се регистрира во повеќе од 120 земји во светот, со околу 200.000 нови случаи годишно. Елиминацијата на лепрата како јавно-здравствен проблем (преваленција помала од 1 на 10.000 жители) е постигната на глобално ниво во 2000 година, а во повеќето земји до 2010 година. Според податоците на СЗО за 2023 година, Бразил, Индија и Индонезија пријавуваат повеќе од 10.000 нови случаи годишно, додека уште 12 земји пријавуваат меѓу 1.000 и 10.000 случаи. Повеќе од половина од земјите во светот не пријавиле ниту еден случај или пријавиле помалку од 1.000 случаи - заклучи д-р Кочински.

Фото: ИЈЗ

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот