X
 26.05.2021 Живот

Мапа на вакцинацијата во Европа: На кое место е Македонија?

Помина речиси половина година од почетокот на имунизацијата против коронавирус во Европа, но ниту една земја не успеа да вакцинира повеќе од 40 отсто од населението со двете дози.

Најмногу напредува Унгарија, каде што 30 отсто од населението ги примија двете дози на вакцината, додека Македонија е меѓу најлошите во Европа.

Унгарија го задржа првото место во Европа кога станува збор за вакцинацијата од крајот на март оваа година. Земјата беше прва во Европската Унија што почна да ја користи руската вакцина „Спутник V“, иако Европската агенција за лекови ја немаше одобрено. Дури и премиерот Виктор Орбан одлучи да ја прими оваа вакцина.

Во текот на минатата недела просечната дневна доза во оваа земја е 94.393, а покрај „Спутник V“ се нудат и „Синофарм“, „Астра зенека“, „Модерна“, „Фајзер“, но и помалку познатата вакцина од кинескиот производител „Кансино Бајолоџикс“.

Покрај големиот избор на вакцини што ги нуди, Унгарија има и многу прецизен план за вакцинација кој вклучува имунизација според приоритетни групи - прво лекари и медицински персонал од прва линија, потоа медицински сестри, персоналот од домовите за стари лица, медицински персонал што не е во првата линија, вооружени службеници, наставници кои работат во градинки и училишта, социјални работници, луѓе над 60 години изложени на ризик од инфекција, критични работници во инфраструктурата, како што се работници во нуклеарната централа „Пакс“, работници во јавниот транспорт како што се железници и метро итн.

Друг добар пример за имунизација во Европа е Данска, која за разлика од Унгарија има две вакцини што ги нуди: „Фајзер“ и „Модерна“. Оваа земја вакцинира повеќе од 5,8 милиони луѓе, што значи дека 20 отсто од Данците се имунизирани, додека 31,3 отсто ја примиле првата доза.

zemji
Фото: Slađana Đermanović/Nova.rs

На најлоша позиција се Белорусија, Босна и Херцеговина и Македонија

Контрапример на овие земји е Белорусија, која досега успеа да вакцинира само 2,9 отсто од населението со двете дози, додека 4,3 отсто ја примија едната доза. Парадоксално, оваа земја пред два месеца објави дека ќе почне масовно производство на руската вакцина „Спутник V“ со половина милион дози месечно. Босна и Херцеговина, Молдавија, Македонија и Украина се рамо до рамо со оваа земја.

Ниту една од овие земји не го надмина прагот од 5 отсто вакцинирани, а на самото дно на табелата е Украина, каде што 2,2 отсто од популацијата примија една доза, а само 0,2 отсто се целосно вакцинирани. Нешто подобра е Босна и Херцеговина, која достигна 1 отсто целосно имунизирани, и Македонија со 1,8 отсто. Сепак, тоа е сè уште далеку од посакуваниот резултат.

Што се однесува до земјите кои беа најголеми жаришта во Европа, состојбата со имунизацијата е подобра. Во Русија, која бележи повеќе од пет милиони заразени лица, 10,6 отсто од населението ја примиле првата доза на вакцината, додека 7,7 отсто се целосно имунизирани. Во Италија се дадени 30.900.385 дози вакцини, а резултатот за имунизација изгледа вака: 35 отсто од граѓаните ја примиле првата доза, а 16,9 и двете дози. Шпанија, која има 3.636.453 пријавени случаи, поради што е под строги мерки и полициски час со месеци, има речиси ист резултат кога станува збор за вакцинација како и Италија - 34,7 отсто од граѓаните ја примија првата доза, а 16,7 отсто двете дози.

Како помина Шведска?


Интересна е состојбата во Шведска. Добро познатиот „шведски модел“ во борбата против коронавирусот, кој подразбираше отсуство на карантин и мерки што всушност се препорака, а не обврска, се чини дека не влијаеше значително врз вакцинацијата во оваа земја. Двете дози на вакцината биле примени од 10,8 отсто од населението, а една доза од дури 33,4 отсто.

Вакцинацијата оди добро и во Грција, каде што пред неколку дена беа укинати ограничувачките мерки воведени поради коронавирусот. Во оваа земја се вакцинирани 16,7 отсто од населението, додека првата доза ја примиле 33 отсто.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот