Компанија за вештачка интелигенција ќе се обиде да ги реконструира изгубените снимки од филмот на Орсон Велс.
Орсон Велс бил американски режисер, сценарист и актер. Неговиот филм „Граѓанинот Кејн“, во кој тој ја толкуваше главната улога, во 1999 година беше прогласен за најдобар филм на 20 век.
Еден од филмовите што ги режираше Велс е „Величествените Амберсонови“ од 1942 година. Оригиналната верзија траела 131 минута, но бидејќи Велс немал контрола врз монтажата, студиото отстранило речиси една третина од материјалот за да ослободи простор во архивата.
Новата иницијатива на компанијата „Шоуранер“, со поддршка од „Амазон“, има цел да направи целосна реконструкција на 43 минути од филмот со помош на модели на вештачката интелигенција за генерирање долги и сложени наративи, со крајна амбиција да создаваат играни филмови целосно преку вештачка интелигенција.
Во обидот да го реконструира изгубениот материјал, „Шоуранер“ користи комбинација на вештачка интелигенција и традиционални филмски методи. Планот вклучува повторно снимање на одредени сцени со актери, а потоа примена на технологија за препознавање лица и движења за да се зачува изгледот на оригиналните актери. Освен тоа, архивските фотографии од снимањето ќе се користат за прецизна реконструкција на сцените.
Клучна улога во проектот има филмскиот автор Брајан Роуз, кој последните пет години работел на повторно создавање на 30.000 изгубени кадри од филмот. Тој ги реконструирал физичките сетови во 3Д-модели за да може прецизно да го одреди движењето на камерата според сценариото, фотографиите и архивите.
- Ги реконструирав кадрите и ритамот на секоја сцена. Тоа ќе биде основата за оживување на филмот - вели Роуз.
Една од сцените што тој особено ја истакна е 4-минутниот кадар со подвижна камера кој речиси целосно е изгубен.
- Камерата се движи од едниот крај на балската сала до другиот, додека десетина ликови влегуваат и излегуваат од кадарот, со испреплетени подзаплети. Тоа беше исклучително амбициозен кадар, пред своето време. За жал, преживеаја само околу педесет секунди - вели тој.
Во тимот е и Том Клајв, експерт за визуелни ефекти, познат по работата на технологии за замена на лица и дигитално подмладување.
Извор:
Nova.rs
Фото: Showrunner