X
 27.06.2019 Живот

Антички систем може да го спаси Перу од недостиг на вода

Античка техника за конзервирање на водата, која некогаш се користела во Перу, би можела да почне да се користи и во модерната ера бидејќи земјата се бори со екстремно сушни периоди среде раст на популацијата.

Истражувачите проценуваат дека техниката, која била користена од домородното население во регионот, е стара најмалку 1.400 години. Таа вклучува пренасочување на водата од тековите во планинските падини кога дождовите се обемни, што резултира со природни извори кои ја задржуваат водата подолго време по завршувањето на сезоната на дождови.

Во периодот пред Инките ова се правело со изградба на канали и базени за пренасочување на дел од водата во друга насока од нејзиниот природен тек. Потоа биле потребни месеци за да повторно да се појави течението, токму кога било потребно.

- Луѓето од Лима живеат во една од најмалку стабилните ситуации во светот кога станува збор за водата. Има многу вода во влажните периоди, а многу малку вода во сушните периоди. Домородното население во Перу знаело како да се справи со ова, па ние се осврнуваме кон него за одговори - вели Ватер Бајтерт од „Империјал колеџ Лондон“ во Велика Британија.

Истражувачите го посетиле западно Перу за да проучат еден од неколкуте останати примероци од овој антички систем за вода.

Во текот на две години, во консултација со локалното население, тимот утврдил дека на пренасочената вода ѝ биле потребни меѓу две недели и 8 месеци да си го најде текот - во просек 45 дена.

Приспособувањето на овој процес на пренасочување за главниот град Лима, според процените на истражувачите, би можело да значи дека околу 35 отсто од водата од влажните периоди (околу 99 милиони кубни метри) би можеле да се зачуваат за наредните месеци.

Зголемувањето на системот ќе биде тешко, но може да функционира.

Во сушниот период, кој трае од мај до октомври, Перу се бори да има достапна вода за сите 12 милиони жители на Лима.

Преку враќањето на оваа античка техника истражувачите мислат дека количината на вода достапна во сушните периоди од годината би можела да се зголеми за околу 33 отсто во првите месеци и за околу 7,5 отсто во подоцнежните месеци.

Сепак, традиционалниот метод би се користел во тандем со помодерните приоди, сугерираат истражувачите, за да се максимира заштедата на вода и да се има сигурност во време кога климата се менува.

Со климатските промени овозможувањето доволно вода за да се задоволат потребите на луѓето станува сè поголем предизвик во некои делови од светот, а научниците се свртуваат кон различни решенија за да се обидат да гарантираат издржливи набавки на вода во иднината.

Излегува дека би можеле и да научиме нешто од техниките применувани пред многу векови.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот