X
 28.03.2021 Наша тема

Нервози, навреди, кавги, хистерија, омраза... Што е тоа што го извлекува лошото од луѓето позади тастатурата?

На социјалните мрежи врие од хистерија, а тоа е поизразено со пандемијата. Дали слободата на изразувањето станува перде за ширење на говор на омраза?

Навреди, нервози, кавги, нетрпеливост, агресија, деструктивност и говор на омраза често се доминантен наратив меѓу корисниците на социјалните мрежи. Речиси секојдневно на Фејсбук, Твитер, Тик ток, па и Инстаграм се соочуваме со статуси и коментари кои создржат и брзи судови и погрдни зборови кон другиот, кон некоја јавна личност... Ова како да е поизразено во пандемијата. Отсекогаш бевме толку нетрпеливи или „новото нормално“ го извлекува лошото од нас и ни го разнишува пандемието?

Загрижувачки е фактот што ваквата деструктивност доаѓа и од постарата и од помладата генерација, а во основа изостанува каква било реакција особено реакција на санкционирање и казнивост на ваквата појава.
Честопати таквиот хаос на социјалните мрежи го прават лица кои се кријат со лажни профили, односно оние кои не сакаат да го покажат сопственито идентитет, туку сакаат само да го искажат своето мислење, преку навреди и агресија.
Дали слободата на изразувањето станува оправдување или перде за ширење на говор на омраза?

Агресијата може да стане репер на однесување


Бојан Кордалов, комуниколог и специјалист за односи со јавноста и нови медиуми вели дека платформите како што се Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Тик Ток, не продуцираат самите содржини, туку тоа го прави секој од нас. Ние сме тие кои таму креираат содржини, независно дали тоа го правиме со име и презиме или затскривајќи се зад некој псевдоним. Социјалните мрежи се платформи или едноставно канал кој овозможува брза повеќенасочна комуникација и интеракција низ целата планета.
-Оттука, изблиците на агресија, говор на омраза, дискриминација се личен избор и чин на поединци или групи кои своеволно избрале да го прават тоа. За жал, со непостапувањето по ваквите поедини случаи од страна на сите надлежни поединци и институции нивниот број се зголемува и кај растечки број на млади може да стане репер, односно модел за нивно однесување во секојдневието, каде огромен дел зазема и поведението во интернет просторот-објаснува Кордалов.


Бојан Кордалов

Прави споредба на тоа како функционираат младите во светот и младите кај нас. Вели дека додека младите во светот слушаат и се дел од успесите на вселенските мисии, иновативните дигитални компании, наспроти младите кај нас, кои се често изложени само на темите за кои во текот на денот партиите решиле да се расправаат, за „бесперспективноста“ на земјата која се сервира од страна на партиските прес конференции децении наназад.

Итни санкции

За таа цел, според Кордалов потребно е креирање на јасни модерациски политики на сите страни и канали на јавните институции, политичарите, инфлуенсерите, медиумите, чие доследно спроведување ќе има за цел да се избори против дискриминацијата во секој облик, говорот на омраза, лажните вести.
- Онаму каде што превенцијата не може да успее, потребно е брзо и ефикасно спроведување на казнената политика од страна на надлежните. Потребен е инклузивен образовен систем прилагоден на навиките на сегашните дигитални генерации. Едноставно кажано, замена на кредата и сунѓерот со дигитални уреди, прифаќање дека една книга може да се чита во хартиена форма или на таблет, односно дека е важно да се прочита, а не начинот на кој тоа ќе се направи. Воведување на дигитална писменост кај наставниците и професорите со цел да можат како готов курикулум рамномерно да ја пренесуваат на сите генерации ученици. Медиумите да продолжат да ги актуелизираат овие теми и кога има проблем, но и кога има успешна приказна. И за крај, да им се даде шанса на младите да одлучуваат, а не да слушаат! Мора секој од нас, а со тоа општеството во целина да им дадеме шанса да влијаат и да ги променат, односно прилагодат работите и нештата на функционирање според тоа како ним им одговара, односно според начинот на функционирање на сегашните генерации. Само држава што вистински, а не декларативно вложува во младите има сегашност, а со тоа и иднина!-објаснува Кордалов.

Дигитална писменост


Според него, пандемијата влијае на нашето поведение на интернет, од едноставна причина што изминатава година поминуваме многу повеќе време во дигиталната сфера, независно дали тоа го правиме за да учиме, студираме, работиме или, пак, се забавуваме.

- Тоа значи дека за нецела година секој од нас мораше да стекне дигитални знаења и вештини кои не сме успеале или сме одбивале да ги прифатиме и примениме цела деценија наназад. И во овој дел се највиновни политичарите и партиите од сите провиниенции, бидејќи не смогнаа сили јасно да кажат дека дигитализацијата е реалност на секој развиен систем и неизоставен дел на иднината, особено на овие генерации кои сега се раѓаат, учат или студираат. Тесноградиот и нималку визионерски поглед на партиите, како и немањето сенс за вистинските приоритети за граѓаните и државата несомнено не доведе на ова ниво кај што сме сега – држава која е рангирана на дното според медиумската писменост и со младина која има само 2/3 дигитални вештини споредено на пример со младите од блиската Хрватска каде процентот на дигитална писменост изнесува 97 отсто-посочува експертот за социјални медиуми.

„Темната страна“ на виртуелните начини на дружење

Д-р Стојан Бајрактаров, директорот на Универзитетската клиника за психијатрија вели дека социјалните мрежи, вклучително и Фејсбук, одиграле значајна улога во оваа пандемија, особено во периодот на препораки за намалена социјални контакти, физичка дистанцираност, карантин и изолации. Но, тука, според него, се покажала и „темната“ страна на овие виртуелни начини на дружење, преку кои многу луѓе ја покажаа својата негативна страна, односно без контрола на своите внатрешни пулзии демонстрираат како изгледа отворање на Пандорината кутија во денешни услови.


Д-р Стојан Бајрактаров

- Сведоци сме на несоодветен речник, закани, лаги, многу луѓе влегоа во улога на некое замислено алтер его, кое е неспоиво со реалното нивно однесување. Погледнете ги само нивните прекари кои сами си ги измислуваат на Твитер. Ако направиме споредба со Дејвид Боуви кој сопствената алтернативна личност си ја именувал Зиги Стардаст, ќе ни станат јасни кои се модерните тенденции. Сите веројатно веќе запознавме некои лица кои се многу фини и културни во секојдневниот живот, а на Фејсбук или на Твитер се нескротливи агресивци. Или пак, се невидени јунаци, а всушност ги гледаме истите тие кои се најактивни на социјалните мрежи дека се со најслаб работен перформанс, или избегнуваат работни обврски. На пример, оние кои се редовни на социјалните мрежи со најразлични коментари како здравствени експерти, одбиваат каков било ангажман во справување со ковид, или ротација во ковид одделение. Не можете да бидете цел ден активен на Фејсбук, и во исто време да сте исполнителни на работа, временски тоа е невозможно. Многу лица претерано навлегоа во тие свои нови улоги и веднаш ќе ги препознаете по нивното однесување. Кога ќе ви постават прашање: Дали прочита што напишав на ФБ? Или “Како што напишав во еден статус пред една година, на кој добив милион лајка...“ На истите личности социјалните мрежи на истите им станаа и алатка за манипулација, бидејќи преку лажните информации кои ги презентираат прават притисок врз јавноста или врз своите колеги, а често и кон своите домашни-објаснува Бајрактаров.

Линч со спалување на вештерки исто како во средниот век

Вели дека социјалните мрежи станале поле на натпревар помеѓу неуспешни, псевдоавторитети, или пак поле за изразување на сопствената неконтролирана агресија.
- За жал, не гледам дека се во функција соодветни механизми за справување со овие појави, ниту има санкции за сторителите. И одредени политички субјекти се многу навлезени во овие појави со цел манипулирање на јавното мислење и здобивање соодветна корист. Сведоци сме на континуирано пласирање на лажни вести, кои ако размислуваме трезвено, ни покажува со какви луѓе си имаме работа. Но како да е избришан веќе поимот општествена одговорност, морал, чест, истите тие личности без најмал срам, и покрај соочувањето дека даваат лажни информации, веднаш продолжуваат со истото однесување наредниот ден.
Никогаш не сум бил за забрани, но дефинитивно ни треба ресетирање на општествените норми за морално и одговорно однесување, зашто се плашам дека вака разбудената агресија ќе излезе од контрола. Понекогаш и линчот кон одредени личности кои се спроведува преку истите социјални мрежи, многу често базиран на непроверени информации и невистини, наликува на спалувањето на вештерките во средниот век-посочува доктор Бајрактаров.

Дали има лек?

Според Бајрактаров, сигурно дека фармацевтската индустрија нема да ни даде лек и дека овој тренд нема така лесно да помине.
- Одредени терапевтски процедури се возможни, но доколку се работи за зависност од интернет, што е веќе и дијагностичка категорија. Но, неконтролираната нагонска агресивна енергија која е често практикувана на социјалните мрежи е многу сложен општествен проблем, на кои треба да работиме сите – психолози, социолози, јавни личности, верски лидери, наставници, па и психијатри... Таканаречените инфлуенсери уживаат во добробитите на својата неочекувана и незаслужена популарност, се цитира што тие кажале за вакцините, за загадувањето, за историја, за ланскиот снег... За една објава или твит тие се чувствуваат веднаш на исто рамниште со некој професионалец кој цел свој век потрошил на некоја тематика, па се наоѓаат и повикани да потврдуваат или негираат, а јавноста ги цитира без разлика што може да направат непроценлива штета. Истото важи и за одредени професионалци кои ја користат достапноста на јавно обраќање за ширење дезинформации или невистини за одредена корист. И тоа им се овозможува преку социјалните мрежи, така што не сум сум сигурен дека во оваков контекст може да се подобри функционирањето на социјалните мрежи, бидејќи сме сведоци дека самосвеста на глобално ниво слабо функционира. Ваквиот стил на однесување и злоупотреба на овие социјални мрежи се практикува дури и меѓу познати светски лидери, чие однесување го копираат и обичните граѓани-додава тој.

Во секој трет пост не се бираат зборови


Социологот Илија Ацески вели дека употребата на социјалните мрежи е една комплексна состојба која може да има позитивни ефекти во животот на човекот, но истовремено носи и негативни ефекти. Таа нова технологија, посочува Ацески во суштина треба да носи повеќе корист, отколку штета.
Смета дека социјалните мрежи имаат цивилизациски придобивки на комуникацијата, но мора сите ние да се трудиме како на тој простор таму, да се почитува другиот без разлика на неговото мислење. Во тој случај, според социологот, мрежата ќе може да ја замени улогата на реалната комуникација меѓу луѓето.
- Замислете еден човек кој живеел во 15 век за цел живот не добивал толку информации колку што добива човекот на 21 век само за неколку часа во текот на денот. Таа обилност на информации создава конфузија, што доведува до гуење на одредени вредности. За младите сето тоа сега е нормално, што реално е застрашувачки. Во тој случај зависноста од социјалните мрежи носи повеќе штета, отколку корист, а суштината е дека повеќе треба да е присутна позитивната страна од сето тоа-објаснува Ацески.
Вели дека е погубно сознание тоа да се расправате на Фејсбук со човек кој не го познавате.
- Тоа создава фрустрација, односно психолошки тешка состојба. Тое ранливоста на социјалните мрежи. Исотвремено, мрежата му дава можност да потроши енергија, да се ослободи во било која смисла, тука е позитивна страна-додава тој.

Ацески вели дека пандемијата е една социолошка стварност и предизвик.
- Поединецот е исклучен од нормална комуникација, а човекот по природа е социјално битие.
Круна на сето тоа е што сме ставени дома пред телевозорите, пред друг медиум, но кој не нуди комуникација. Мораме некаде да го пласираме некогаш гневот, стравот, тој комплекс на психолошки димензии на личноста на човекот, а социјалните мрежи се во тој поглед најисплатлив начин. Да го правиме тоа во реалниот живот ќе има реални последици.
На секој трет пост на Фејсбук не се бираат зборови, а кога тоа и партиски и политички ќе го вметнете, настанува цел хаос-додава социологот.
Според Ацески, на тој начин се создава едно деструктивно и нетолерантно општество.
- Лекот е еден долгорочен процес, зашто социјалните мрежи за младите се култура на комуникација без разлика на кое ниво таа се одвива. Потребни ќе се посебни предмети во образованието за оваа тема, каде ќе се укажува и упатува на вредностите на мрежата во позитивна смила, но и во негативна смисла-заклучува Ацески.

Насловна фотографија: Фрипик
Подготвил: Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема