X
 28.09.2023 Наука

НАСА планира да потроши милијарда долари за враќање на Меѓународната вселенска станица на Земјата

Добро познат факт е дека не било планирано Меѓународната вселенска станица засекогаш да остане во орбитата, но нејзиното исклучување и враќање на Земјата е голем предизвик. НАСА има план сето тоа да го направи на што е можно пограциозен начин.

НАСА објави план вреден милијарди долари за затворање и уривање на Меѓународната вселенска станица (ISS) до 2031 година поради структурни стресови. Целта е да се ангажира компанија која ќе создаде „вселенско влечење“, наречено „Возило за деорбитирање“ (USDV), за да ја спушти Меѓународната вселенска станица од 440 на 120 километри над површината на Земјата пред да се урне во Тихиот Океан.

Предлозите за возилото може да се поднесат до 17 ноември, а процесот на извлекување на Меѓународната вселенска станица од орбитата на Земјата треба да започне во 2026 година.

- Ова е нешто што и претходно било направено, со вселенската станица „Мир“. Многу тони материјал ќе го погодат океанот и дефинитивно ќе има предупредување за воздушниот простор да биде чист. Она што е малку незгодно е фактот што може безбедно да се лета до надморска височина од околу 250 километри. Потоа е потребно специјално возило што ќе го преземе управувањето. Тоа е како возење по автопат со многу налети на ветер, па е потребна мускулна сила за да останете на патот. Ако ја изгубите контролата и станицата почне да паѓа, вие сте во неволја бидејќи тогаш не можете со сигурност да ги насочите ракетните мотори во одредена насока - вели Џонатан Мекдауел, астрофозичар од Универзитетот „Харвард“.

Станицата природно ќе се распадне на околу 320 километри над површината на Земјата до 2030 година. Во тој момент екипажот ќе го започне своето последно спуштање, а станицата ќе стигне до точка од која нема враќање на 280 километри над Земјата. Вселенското влечење потоа ќе ја турне станицата кон Земјата на надморска височина помеѓу 120 и 80 километри.

Надворешниот модул ќе се стопи и изложениот хардвер ќе испари под екстремните температури во текот на спуштањето со брзина од 28.800 километри на час низ атмосферата на Земјата. Остатоците ќе паднат во Точката Немо, област во Тихиот Океан што обично се користи како гробишта за вселенските летала.

Претседателот Роналд Реган првично ја најави изградбата на Меѓународната вселенска станица во 1984 година, а првата американска компонента беше лансирана во 1998 година. Оттогаш, таа е домаќин на повеќе од 250 посетители од 20 земји. Првично планирана за 15 години работа, станицата го надмина тој рок, па сега е време да се пензионира.

Повеќе вселенски станици, вклучувајќи ги НАСА, Европската вселенска агенција, Јапонската вселенска агенција и неколку други, ја делат одговорноста за безбедно деактивирање на Меѓународната вселенска станица. Тие се обврзаа да работат со станицата до 2030 година, а обврската на Русија да се продолжи најмалку до 2028 година.

НАСА истражуваше различни опции за деактивирање на станицата, но нејзиното расклопување во вселената, подигнување на повисока орбита или дозволување да се распадне во орбитата претставуваше вистински предизвик. За да се одржи присуството во вселената, НАСА бара приватни компании да создадат вселенска станица. Меѓу заинтересираните компании се „Аксиом спејс“, „Блу ориџин“ и „Нортдап груман“.

Извор: Daily Mail
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука