X
 29.10.2021 Живот

И самовилите го знаат знаковниот јазик, премиера на театарска претстава

Преку детската претстава „ Три“ знаковниот јазик влегува на театарската сцена, а режисерот Јован Ристовски има идеја на театарскиот репертоар во Битола и Скопје да има по една ваква претстава годишно, поддржана од државниот буџет

Синка, Розе и Лила се три самовили кои ќе ги поведат децата со оштетен слух во магијата на театарот, а децата што можат да слушаат ќе ги научат на знаковен јазик. Тоа се всушност актерките Анастазија Христова, Маја Андоновска-Илијевски и Сандра Грибовска, кои заедно со актерот Никола Пројковски во улогата на Ѕвонко Бонбонко ќе говорат и паралелно ќе користат знаковен јазик. Така ќе ја пренесат силната порака на првата професионална детска претстава на знаковен јазик во земјава - „Три“ , а тоа е дека сите деца се исти и можат заедно да ги решаваат проблемите на денешницата. Премиерата наменета за широка детска публика е закажана за попладнево (29 октомври) во 18 часот на големата сцена на Центарот за култура во Битола.



Идејниот творец на овој хуман театарски потфат е режисерот Јован Ристовски, кој веќе десет години се обидува да ја стави на сцена идејата која што кај него се родила за време на детскиот музички фестивал „Тра-ла-ла“. Раскажува дека во 2010 година бил режисер на фестивалот каде што за да покажат дека сите деца се исти, вокален монолог бил преведен на знаковен јазик од девојче од Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор од Битола. Нејзините соученици биле воодушевени од музичкиот фестивал, од кореографијата, шаренилото, ефектите на сцена, а режисерот Ристовски бил фасциниран од тоа што деца кои не можат да слушаат останале на фестивалот три часа и се забавувале.

Од Марко Цепенков до еколошките проблеми на денешницата

- Тоа ме доведе до заклучок дека ако тие се пресреќни од музички настан кој не го слушаат, што ќе се случи ако им направам претстава на нивниот јазик, сигурно би биле пресреќни - вели Ристовски.

Мотивот за претставата го прoнајде во легендата на Марко Цeпенков за овчарот со самовилите. Но, ѝ вдахна проблеми од денешницата. И во претставата, како и во реалноста, се случува еколошка катастрофа од глобалното затоплување, вишокот ѓубре, се загадуваат воздухот, водата, почвата, храната.
- Во секоја сцена, и кога се на училиште и на ливада, нонстоп некој фрла ѓубре, и сите сложно заедно го чистат светот. Во претставата ќе има премногу ѓубре, опипливо реално како што знае да биде по депониите, улиците, тротоарите. Со жив пример на сцена ќе покажеме како го собираат за да биде убаво и чисто - вели Ристовски.



За актерите беше предизвик да го научат знаковниот јазик

На претставата ќе присуствуваат и деца од Заводот за рехабилитација на слух и говор во Битола, која е единствена установа каде што можат да се образоваат и интернатски да се сместат глувите и наглуви деца од основно училиште.

- Дечињата во Заводот прашале дали актерите слушаат? А кога им одговориле „да“, кажале дека се многу среќни зашто актери кои слушаат сакаат да го научат нивниот јазик. И за нас, актерите, тоа е голема среќа, учењето на знаковниот јазик не беше тешко, туку забавно и предизвикувачко зашто целиот проект има хуманистички карактер. Целта е и децата што немаат проблем со слушниот апарат да можат со нас да научат некој знак, а сите деца заедно - како да ја заштитиме животната средина - рече актерката Маја Андоновска- Илијевски.



Знаковниот јазик има и дијалекти

Претставата даде приказ на употребата на знаковниот јазик. Повеќето луѓе сметаат дека е универзален. Но, режисерот Ристовски вели дека Македонец и Германец што користат знаковна гестикулација тешко ќе се разберат. Во знаковниот говор секоја земја си има свои особености, па дури и дијалекти. Така учениците што слушаат настава во Заводот во Битола го учат литературниот знаковен јазик со дворачна гестикулација, а кога заминуваат во Скопје, во средно училиште, тие знаци добиваат модификација или скопски дијалект со еднорачна гестикулација.

- Ни кажаа дека на децата на кои им се вградува имплант за слушање почнуваат да создаваат и нов дијалект кој ни наставниците не можат да го препознаат затоа што тоа е инстинкт, однатре им доаѓа. Се групираат и си зборуваат на нивниот јазик - рече актерката Грибовска.

Актерот Никола Пројчевски додаде дека знаковниот јазик не е мавтање со раце, туку зависи од целата експресија на телото и лицето, која помага да се збогати комуникацијата зашто сврзниците и честиците се прескокнуваат во брзината на говорењето.

Државата да поддржи барем една претстава годишно на знаковен јазик

Ова се само пионерски чекори за влез на знаковниот јазик на театарската сцена. Ристовски очекува во иднина на сцената на Народниот театар во Битола, градот каде што е единствениот Завод за основно образование на овие деца, барем еднаш годишно да има претстава на знаковен јазик.

- Претставата ќе се игра прво во Битола, па ќе гостува во седум града низ Македонија. Сакам еден ден во Народниот театар во Битола и во Театарот за деца и младинци - Скопје на редовен репертоар, барем еднаш годишно, да има по една ваква претстава поддржана од Министерството за култура - рече Ристовски.


Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот