Меѓу многуте истражувачки проекти во кои бил вклучен како студент е и формирањето национална база на сите мостови на државни патишта, за чија потреба визуелно прегледале 1.300 мостови. Марко Ѓорѓиоски ги заврши додипломските и постдипломските студии на Градежниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за пет години, постигнувајќи краен успех од 9,95. Тој е меѓу 14. најуспешни дипломци од инженерските факултети на кои им беше доделено признанието „Инженерски прстен“.
Од првиот час љубопитен за тајните на градежното инженерство
Вели дека високиот просек успеал да го постигне преку редовното совладување на теоретскиот и практичниот материјал, односно дел по дел, па пред испитите му останувало само да го повтори материјалот.
- Клучна беше мојата вродена љубопитност, мојот интерес за изучување на тајните на градежното инженерство уште од првиот час, можноста за професионално надградување целиот живот, константен предизвик од самата професија, како и желбата да станам личност која со своето работење ќе може да влијае врз идниот општествен развиток - вели Ѓорѓиоски.
Градежништвото го привлекло како професија зашто она што еден градежен инженер го работи до најситен детаљ практично се пренесува на терен и претставува реална физичка креација.
Вклучен во многу проекти што му ја зголемија стручноста
Од сите области на градежништвото најголем предизвик му се мостовите. За време на студирањето бил вклучен во проекти поврзани со мостови, а и во иднина сака да работа на нивно проектирање или изведба.
- Факултетот ми овозможи да бидам вклучен во неколку сериозни научноистражувачки и стручно-апликативни проекти. Вклучен бев во проектот за формирање национална база на сите мостови на државни патишта, за чија потреба беа визуелно прегледани 1.300 мостови во нашата држава. Бев дел од тимот кој работеше на проектот за проучување и експериментално подобрување на својствата на самозаздравувачкиот бетон. Постојано бев вклучен во истражувачки проекти од областа на бетонот и дрвото. Ова беше значајно за проширување на мојата стручност на повеќе полиња, како и за совладување проблеми кои не се изучуваат во редовната настава - вели Ѓорѓиоски.
Долги часови поминати во читалница додека други врсници се забавувале
- Нешто што никогаш нема да го заборавам се долгите ноќи поминати со моите колеги во нашата читалница покрај „Партизанска“, совладувајќи ги предизвиците на градежното инженерство, додека покрај нас нашите врсници поминуваа и се забавуваа. Во тој момент тие спомени не беа толку позитивни, но гледајќи од сегашна перспектива, тие ноќи поминати заедно создаваат нераскинливи врски на пријателство со моите колеги, како и спомени кои можат да ги разберат само студентите на Градежниот факултет - вели Марко.
Според него, најголема предност на Градежниот факултет е достапноста на наставниот кадар за студентите, а слабост е недоволната практична настава.
- Таа блискост и интеракција со наставниот кадар за мене претставуваше дополнителна компонента на мотивација при изучување на градежното инженерство. Факултетот има долга традиција на професори кои се експерти во своите области, од кои може многу да се научи и надвор од редовната настава. За наши услови, тој е добро опремен со инструменти кои се неопходни во научноистражувачката работа, како и лаборатории во кои тие можат да се извршуваат - вели Марко.
Градежништвото да им се остави на градежниците
За состојбите во градежната сфера во државата, апелира дека е потребно градежништвото да им се остави на градежниците, а константите притисоци и вмешување од надворешни луѓе да бидат што е можно помали.
- Со тоа голем дел од работите што ни се препишуваат нам би се расчистиле и ќе се увиди дека токму ние сме неопходни во развитокот на градежништвото во државата - заклучува Ѓорѓиоски.
Фото: приватна архива