X
 17.07.2023 Наша тема

Антонио Андоновски, добитник на „Инженерски прстен“: Наградите и признанијата се поттик да продолжам да работам и да се развивам како хемиски инженер

Стремежот за напредок го манифестирам преку анализа и евалуација на постигнатото, посветена работа и темелност. Ова е процес кој ме водеше низ студентските денови, но е и начин на кој функционирам и го применувам и понатаму, во професионалните води, вели Антонио Андоновски

Антонио Андоновски e добитник на „Инженерски прстен“, најпрестижната инженерска награда. Дипломира на Природно-математичкиот факултет, а сега работи во „Алкалоид“. Според него, голема привилегија и чест е да се добие „Инженерскиот прстен“ – признание кое се доделува повеќе децении и претставува најголемо достигнување во нашата држава. Смета дека нашата мала држава поседува голем потенцијал за напредок и афирмација на младиот инженерски кадар.



Наградата е кулминација на неговото додипломско патешествие и дополнителен мотив за понатамошен напредок на полето на хемиското инженерство.

- Самото признание е еден вид афирмација и потсетник за целокупниот труд кој досега сум го вложил во образовниот процес, но воедно и поттик за понатамошен напредок и развој во сферата на хемиското инженерство, симбол за она што можам да го постигнам со цел, план и посветена работа. Како признание, овој прстен со себе носи голема одговорност. Пред сѐ, за да се постават темелите на едно општество, неопходно е инженерство од различни сфери. Па оттука, целокупниот развој на општеството и неговата трансформација со помош на новите технологии и дигитализацијата креира можности за напредок на инженерите, вклучително и хемиските, а и го обликува начинот на кој новите генерации инженери ќе влијаат врз општеството во иднината – истакнува Антонио.

„Како можам денес да бидам подобар од вчерашниот јас?“

Во текот на неговото основното и средното образование, иако немал тешкотии со изучувањето на кој било од предметите, внимание му привлекувале природните науки.

- Уште од основното образование, а понатаму и во средношколските денови бев редовен учесник на различни натпревари, локални, регионални и интернационални – од математика, физика, хемија, што кулминира со неколкукратно учество на Меѓународната олимпијада по хемија (2016, 2017, 2018) каде што во 2018 година освоив бронзен медал. Токму учеството на натпревари, размената на знаење и искуство со истомислениците, како и постигнатите резултати ме насочија кон Природно-математичкиот факултет, поконкретно на Институтот за хемија. Дополнително влијание врз мојата одлука имаше посветеноста и трудот што професорите од факултетот го вложуваа во секој момент од подготовките. Нивниот ентузијазам придонесе за зголемување на мојата љубопитност за тајните на хемијата и желбата за знаење во оваа област – вели Антонио.



Додава дека неговиот стимул за успех бил предводен од премисата „Како можам денес да бидам подобар од вчерашниот јас?“, како и од натпреварувачкиот дух и желбата за континуиран прогрес.

- Стремежот за напредок го манифестирам преку анализа и евалуација на постигнатото, посветена работа и темелност. Ова е процес кој ме водеше низ студентските денови, но е и начин на кој функционирам и го применувам и понатаму, во професионалните води. За време на студиите, на овој начин, понекогаш преку едностран „натпревар“ со колегите базиран на споредба на резултати и евалуација на своите грешки, понекогаш преку натпревар и предизвикување на самиот себе, се стремев на вистински начин да акумулирам знаења, кои потоа ќе се рефлектираaт преку добиената оценка. Не ми беше цел оценката, туку спротивно, знаењето кое понатаму ќе можам практично да го применам. Барав дополнителни информации од различни извори, презентации и објаснувања за работите кои нецелосно ги разбирав или, пак, ми претставуваа интерес. Хемијата, како и другите природни науки, е мерлива дисциплина, па затоа неопходно е континуирано да „мериме и премеруваме“, да евалуираме, да ја анализираме средината, да собираме нови сознанија и да правиме пресметки и планови базирани на добиените податоци, што всушност е и гаранцијата за успех. Со ваква „формула“ сметам дека успехот во лабораторијата, но и во животот е речиси неминовен – истакнува Антонио.

Антонио заврши со просек 9,95

Цврсто стои зад ставот дека со добра и правилна организација на времето, може да се постигне сѐ.

- Ретко чувствував дека треба да направам некаква жртва за да успеам да се подготвам за испит, без разлика дали станува збор за жртвување на сонот или социјалниот живот. Како резултат на правилната организација на времето и предзнаењата стекнати на подготовките за натпреварите за време на средното образование, најголемиот дел од испитите ги положив во првиот рок, што доведе студиите да ги завршам со просек 9,95. Низ текот на студиите моите интереси постојано се менуваа, а често ми се случува инспириран и заинтригиран од објавен труд, да се фокусирам на проширување на моето знаење и видици во различен сегмент на хемијата. На почетокот на студиите голем интерес имав во областа на неорганската хемија, подоцна ме заинтересира и органската хемија и можноста за добивање хемикалии со најразлични својства. Во последната година од студиите особено внимание ми привлекоа нанохемијата и науката за материјали бидејќи сметам дека тие имаат исклучително голем потенцијал и флексибилност за решавање на модерните проблеми. Особено сум му благодарен на проф. д-р Методија Најдоски, под чие менторство работев на мојата дипломска работа, која ги истражува можностите за употреба на наноматеријални структури за прочистување на отпадни води. Мојот интерес на овие полиња од хемијата е во голема мера благодарение на него и се надевам дека во блиска иднина ќе се фокусирам на работа на магистерски труд во овие полиња. Интересно е што кога станува збор за сферата на интерес, низ текот на студиите имав една константа – интересот за аналитика и лабораториска работа, без разлика на видот. Верувам дека причина за мојата фасцинираност со лабораторискиот експеримент беа т.н. хемиски спектакли - настани одржани од професорите и студентите на Институтот за време на натпреварите по хемија – споделува Антонио.



Признанијата се поттик за развој

Наградата за најдобар студент на Природно-математичкиот факултет во учебната 2021/2022 година и „Инженерскиот прстен“ се на еден начин отскочна штица за етаблирање на младите инженери и нивна афирмација во професионалните води, смета Антонио.

- Тука би ставил фокус повеќе на улогата на овие признанија и награди за новите генерации стручен кадар, како мотив за продолжување на посветената работа во својата струка, преку трудољубивост, упорност, љубопитност и жед за знаење и напредок, што долгорочно се манифестира со прогрес во струките во земјата, секако, доколку се креира плодна почва за нивен развој на домашна почва. Оттука, како симбол, овие постигнувања и признанија имаат поголема моќ – да придонесат за позитивната слика кај младите инженери за просперитетот на својата струка во нашата држава, како и да влијаат врз сликата за инженерството во различни сфери кај новите генерации студенти, охрабрувајќи ги на избор за нивна понатамошна едукација и професионален развој во овие води. За мене лично, овие награди и признанија се само уште еден поттик да продолжам да работам и да се развивам како хемиски инженер. Во блиска иднина планирам да ги продолжам студиите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет. Сѐ уште има многу нешта за кои сакам да научам, полиња во кои сакам да се надградам. Сигурен сум дека има и прашања за кои моментално не сум свесен, а по чиј одговор можеби би трагал. Чинам токму во тоа лежи убавината на науката, во вечната потрага по прашања и одговори за сето она што нѐ опкружува, а со тоа и во постојаниот напредок кој произлегува како продукт на оваа потрага – изјавува Антонио Андоновски.

Работи на истражувања и личен развој

Моментално е вработен во „Алкалоид“ А.Д. Скопје како приправник во секторот истражување и развој.

- Работата ме исполнува и сметам дека постои простор за личен и професионален напредок, особено преку надградба на знаењето од фармацевтски аспект, како комплемент на моите хемиско-ориентирани знаења. Дополнително, преку продолжување на студиите и академски развој, сакам да продолжам да работам на истражување на потенцијалната употреба на наноматеријали и слични структури за прочистување на воздухот и водите. Впрочем, во текот на студиите имав конкретна идеја за добивање евтини реупотребливи материјали кои можат да ја исполнат таа улога, меѓутоа, сметам дека сѐ уште имам голем број на знаења за акумулирање за да можам да истражувам во тоа поле и евентуално да дојдам до конкретно, иновативно решение. Се надевам дека со поддршка од Факултетот ќе успеам да се стекнам со нови познавања и искуства кои ќе придонесат за реализација на таа замисла - додава Андоновски.



На прашањето дали ја гледа својата иднина дома, тој вели:

- Нашата мала држава поседува голем потенцијал за напредок. Сметам дека имаме одличен кадар на факултетите, а по доделувањето на наградите за најдобрите студенти при УКИМ, како и доделувањето на „Инженерскиот прстен“, убеден сум дека имаме и голем број талентирани студенти и млади луѓе кои можат да бидат носители на промени. Имајќи го ова предвид, сметам дека продолжувањето на студиите во рамките на нашите универзитети, барем кога станува збор за природните науки, е вистинската насока – и во форма на стекнато образование и во форма на поддршка на нашите институти и стимулирање нивен развој и подобрување на условите - од простории до апаратура и пошироко. Сепак, како млад човек кој е во потрага по професионален раст и развој, не ја исклучувам можноста во иднина да продолжам да трагам по предизвици надвор од нашата држава, во случај на ограничени ресурси за развој дома - ни сподели Антонио.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема