X
 29.12.2023 Наша тема

Нова година е и за бездомниците - ќе добијат покрив над глава, новогодишни пакетчиња и божиќна вечера, вели Драгана Лазаревска, координатор на пунктот во Момин Поток

При екстремно ниски температури пунктот во Момин Поток е отворен 24 часа и во него постојат дежурни мобилни тимови кои во секое време се достапни при дојава за бездомник од совесни и хумани граѓани или при теренска обиколка на градот Скопје. Мобилните тимови со патролно возило им ги делат сите потребни работи, како што се вреќи за спиење, ќебиња, топла облека, витамини, чевли, како и топла храна и топли напивки, на бездомниците што ќе бидат детектирани на градските улици и ќе одбијат да бидат згрижени во стационарниот дел за преноќување, нѐ информира Драгана Лазаревска, координатор на пунктот за бездомници при Црвен крст - Момин Поток

Во зима условите се сурови - минусни температури, загаденост, мраз, снег, ветришта, дожд, магла, а неретко на улиците ќе забележиме бездомни лица кои седат боси на ладниот и смрзнат асфалт, замотани во некое ќебе или во некоја тенка јакна, дури и заспани на некоја клупа... Премрзнати и прегладнети. Тажна е нивната судбина во текот на целата година, но во зима кога условите не се пријателски настроени кон нив, е уште потажна, дури и критична. Ретки се институциите што им излегуваат во пресрет на овие лица, некои од нив се оставени сами на себе, да живеат ден за ден. Една од институциите што им излегуваат во пресрет на бездомниците и која за некои е единствената надеж за топол час и оброк е Пунктот за бездомници при Црвен крст во Момин Поток. Кога температурите паѓаат, вратите на пунктот се 24 часа отворени за овие лица, да се засолнат од студот и да се најадат.

Во зима пунктот работи 24 часа

- Во текот на новогодишните и божиќните празници пунктот за бездомници ќе биде отворен 24 часа за згрижување на бездомниците што ќе имаат потреба од него, со добивање на сите сервисни услуги за одржување на нивно добро здравје, како и севкупна благосостојба. Традиционално на последниот петок од годината (29 декември) ќе се доделуваат новогодишните пакети со топла облека за оваа целна група, а на 6 јануари традиционално ќе се прослави големиот христијански празник Бадник со убава празнична трпеза и делење на паричката со бездомниците кои во тој момент ќе бидат згрижени во привременото прифатилиште - ни сподели Драгана Лазаревска, координатор на Момин Поток - пунктот за бездомници при Црвен крст.



Пунктот за бездомници во Момин Поток е отворен во 2008 година и веќе 15 години во континуитет успешно им ја дава потребната помош и поддршка на најзагрозените категории лица - бездомниците за нивна успешна реинтеграција и ресоцијализација во здравите општествени текови. Пунктот за бездомници е единствено место од овој тип во градот Скопје и на неделна основа услужува вкупно 170 бездомници кои ги добиваат сите сервисни услуги што се нудат.

- Во пунктот за бездомници постои палета на сервисни услуги кои ги добиваат бездомниците на дневна основа, како што се перење на валканата облека и земање нова, испрана, бањање, добивање топол оброк и топли напивки, третман против вошливост и шугавост, медикаменти и преглед од страна на доктор, вадење на потребната лична документација, асистенции до институции од здравствен и социјален карактер, консултативен разговор со социјален работник и психолог. Тимот во пунктот за бездомници брои 10 вработени лица - еден социјален работник, доктор, психолог, три домаќинки за хигиена и логистичка служба, секој со свои задачи, обврски и задолженија - ни изјави Драгана.

Преноќување е овозможено за 32 бездомни лица


Во пунктот за бездомници во 2010 година беше отворено привременото прифатилиште кое се отвора при екстремно ниските температури, кое се состои од машко и женско одделение, каде што можат да се згрижат по 16 бездомници, со што максималниот капацитет во стационарниот дел е 32 легла.

- При екстремно ниските температури пунктот во Момин Поток е отворен 24 часа, каде што постојат дежурни мобилни тимови кои во секое време се достапни при дојава на бездомник од совесни и хумани граѓани или при теренска обиколка на градот Скопје. Мобилните тимови со патролно возило им ги делат сите потребни работи, како што се вреќи за спиење, ќебиња, топла облека, витамини, чевли, како и топла храна и топли напивки, на бездомниците што ќе бидат детектирани на градските улици и ќе одбијат да бидат згрижени во стационарниот дел за преноќување - истакнува нашата соговорничка Лазаревска.



Стручно-советодавна работа се реализира во текот на целата година во пунктот за бездомници, со непречено функционирање на сите ресурси што постојат во пунктот, како и постоење на сервисни услуги кои им се нудат на бездомните лица кои редовно го посетуваат пунктот, каде што на дневна основа во средите се услужуваат 70 бездомни лица, а додека во петоците се услужуваат 100 бездомни лица.

- Пунктот како уникатно место во градот Скопје, отворен е во текот на целата година, од понеделник до петок од 8 до 16 часот, место во кое на дневна основа се задоволуваат егзистенцијалните потреби на најзагрозената категорија на лица. Поголема бројка на бездомни лица кои имаат потреба од преноќување и добивање на сите сервисни услуги има вообичаено на крајот од декември. Согласно температурите во градот Скопје, оваа услуга на 24 часа работа на привременото прифатилиште секоја година е достапна за оваа категорија лица, со цел да се згрижат во топол простор, да ги задоволат своите егзистенцијални потреби, како и да се подобри нивната здравствена состојба со тоа што не би биле изложени на минусни температури и во ризик да западнат во состојба на хипотермија - објаснува Драгана.

 Повеќе мажи, помалку жени

Според дата-базата на пунктот за бездомници, во изминатите 15 години се забележани вкупно 300 бездомни лица кои изразиле интерес и потреба да ги користат сервисните услуги од пунктот.

- Редовни бездомници кои во континуитет доаѓаат во пунктот се вкупно 170, од кои најмногу доминираат мажите бездомници со околу 80 отсто, а жените бездомнички се околу 20 отсто. Овие бездомни лица регистрирани во пунктот за бездомници во изминатите 15 години му се познати на стручниот тим кој директно работи со нив, доволно познавајќи ги нивните животни биографии, однесување, карактерни црти, потреби и проблеми. Перманентната комуникација со оваа целна група, како и поддршката и помошта што несебично им се дава од страна на стручниот тим, ја прави засилена и цврста конекцијата на ниво професионалци-странки. Во континуитет сите години се почитува постојниот етички кодекс на добро и професионално однесување кон оваа ранлива група, со ставање акцент на почит кон нивните потреби, изнаоѓање решенија за нивните проблеми и респектирање на нивните персонални премрежиња - ни посочува Лазаревска.



Како што вели таа, стручно-советодавната работа со оваа целна група изискува голема посветеност, пожртвуваност, истрајност, професионалност, следење и познавање на законите и законските измени за остварување на сите права што им следуваат на бездомниците, како и надминување на личните лимити во трпеливост и толеранција кај мултидисциплинарниот тим. За да се разберат проблемите и потребите на овие лица, како и предизвиците што ги носи оваа работа, пред сѐ, треба професионалците што работат со нив да се длабоко навлезени во самата проблематика, да си ја сакаат работната позиција, сопствената професија, да бидат длабоко емпатични и асертивни, како и постојано да се надградуваат со знаења, новини и промени кои настануваат во оваа дејност.

- Особена чест и гордост на Црвениот крст на град Скопје е постоењето на едно вакво уникатно место како што е Пунктот за бездомници во Момин Поток, кое 15 години го подобрува животот на бездомниците во градот Скопје, место кое со помош на донатори, компании, фирми и општествено одговорни корпорации ќе им стои на располагање со сместувачки капацитети, со неуморен кадар, за доброто на овие социјално-загрозени лица, до надминување на нивната состојба - додава Драгана.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема