X
 30.06.2019 Технологија

„Твитер“ ќе ги „замолчува“ Трамп и другите провокативни политичари

За да воспостави рамнотежа меѓу слободата на изразување и одговорноста, „Твитер“ најави дека ќе ја ограничи видливоста на твитовите што ги кршат правилата на оваа компанија, а доаѓаат од важни извори како што се политичарите.

Новите правила ќе се применуваат во случај на политичарите и официјалните лица од владите што имаат повеќе од 100.000 следбеници.

- Сега јасно ќе ги означуваме сите твитови што ги кршат нашите правила за користење, а одлучивме да ги оставиме поради јавниот интерес - вели Џек Дорси, еден од шефовите на компанијата.

Навредливите твитови ќе бидат покриени со предупредување, а корисниците ќе мора да кликнат на линк ако сакаат да ги видат.

1
Фото: Getty Images

Критичарите велат дека оваа социјална мрежа не направила доволно во надзорот на твитови на политичарите, кои ако ги напишеле обични корисници, би биле избришани. Некои од „Твитер“ барале да се отстранат зајадливите твитови на претседателот на САД, Доналд Трамп, и на други политичари.

Трамп на „Твитер“ има 61 милион следбеници, а многу од неговите објави често завршуваат во медиумите.

Најстариот син на Трамп, Доналд Трамп Џуниор, на својот твитер-профил објави линк на најавата за означување на твитовите објавена од конзервативната веб-страница „Дејли Колер“ и предупредил: - Ако тоа можат да му го направат на лидерот на слободниот свет, замислете што ви прават вам и на вашиот глас!

Портпаролката на „Твитер“ изјави дека за означувањето на твитовите ќе одлучуваат луѓето, а не вештачката интелигенција. Ако се утврди кршење на правилата, за тоа дали е спорен твитот за јавниот интерес, ќе одлучуваат тимови.

- Ќе ставиме известување на кое ќе мора да кликнете пред да го видите твитот за да осигуриме дополнителен контекст и јасност - вели портпаролката.

„Твитер“ додава дека постојат случаи, како директна закана за насилство и повикот на насилство над поединци, за кои не може да се сметаат дека се од јавен интерес.

Трамп во неодамнешен разговор без докази наведе дека „Твитер“ им отежнува на луѓето да му станат следбеници.

- Мене ми отежнуваат во испраќањето на мојата порака. Страшно е тоа што го прави „Твитер“ - изјави тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија