X
 30.09.2025 Култура

Детективски серии што се подобри од книгите според кои се направени

Не се случува често филмовите и сериите да ја надминат оригиналната книга, но кога ќе се случи тоа, обично зборуваме за ремек-дела на седмата уметност. Иако често се дискутира дали серијата е подобра од книгата, некои ги надминуваат своите книжевни извори.

Тие носат посложени ликови, посовремен пристап и визуелен шарм што ги направи попопуларни од оригиналните дела. Затоа издвојуваме неколку детективски серии, создадени по криминалистички романи кои го поставиле темелот на жанрот.

1. „Коски“ (2005 - 2017)

 

Серијата е инспирирана од романите на Кети Рајкс за форензичкиот антрополог Темперенс Бренан, брилијантен доктор, интроверт, заедно со ФБИ-агентот Сили Бут. Тие двајца заедно решаваат убиства врз основа на остатоците од жртвите, најчесто коски, а секој случај отвора и човечки приказни зад злосторството. Покрај мистериите, публиката ги следи и нивните приватни односи, полни со тензија, хумор и емотивни моменти.

2. „Ханибал“ (2013 - 2015)


 

Серијата е базирана врз романите на Томас Харис. Во центарот е специјалниот агент Вил Грејем, човек со исклучителна дарба да навлезе во умот на убиецот. Негов психијатар е доктор Ханибал Лектор - харизматичен, но истовремено опасен сериски убиец. Серијата е мрачна, визуелно раскошна и ја истражува тенката линија помеѓу пријателството, манипулацијата и опсесијата.

3. „Грантчестер“ (2014 - )

 

Серијата е базирана на романите од Џејмс Ранисон.

Дејствието е сместено во текот на 50-тите години во англиското село Грантчестер. Главниот лик е младиот свештеник Сидни (подоцна Вил), кој има интуиција за решавање злосторства и неправди, па се здружува со полицискиот инспектор. Криминалистичките заплети се испреплетени со морални и емотивни дилеми, а топлината на малото место ѝ дава посебна атмосфера на серијата.

4. „Бош“ (2014 - 2021)


 

Адаптација на романите на Мајкл Конели за детективот Хари Бош.

Хари Бош е тврдоглав детектив во Лос Анџелес, познат по тоа што секогаш оди докрај, без разлика на цената. Серијата комбинира истраги на брутални убиства со неговиот приватен живот, односите со ќерката и колегите, како и конфликти со корумпираниот систем. Мрачна, реалистична и напната.

5. „Валандер“ (2005 - 2013)

 

Серијата „Валандер“ е базирана на книгите на шведскиот писател Хенинг Манкел.

Шведската серија го следи инспекторот Курт Валандер, човек кој исто така се соочува со лични трагедии и мрачни случаи кои ги решава. Секоја приказна е тешка, обоена со меланхолија и нордиска атмосфера, а низ криминалот се прикажуваат и пошироки општествени проблеми. Серијата е побавна, но длабоко емотивна и интроспективна.

6. „Адвокатот Линколн“ (2022 - )


 

Серијата е базирана на романите на Мајкл Конели поврзани со адвокатот Мики Холер.

Приказната го следи арогантниот адвокат за одбрана Холер, чија канцеларија е неговиот автомобил „линколн“. Тој решава комплексни случаи во Лос Анџелес, а секој случај открива човечки приказни, правни предизвици и морални дилеми, додека Холер се справува со својот приватен живот и професионални конфликти.

7. „Инспектор Морз“ (1987-2000)


 

Серијата е базирана на романите на Колин Декстер.

Читателите на „Радио Тајмс“ ја прогласија за најдобрата британска криминалистичка драма на сите времиња и иако не е толку популарна на меѓународно ниво, во Велика Британија инспекторот Морз стана институција.

Инспектор Морз е човек со остар ум, но и сложен карактер - ја сака музиката, пие и има малку циничен поглед на светот. Неговите случаи во Оксфорд често се сложени и интелектуално предизвикувачки, полни со мистерии и пресврти. Серијата има побавно темпо, но изобилува со британски шарм.

Извор: Atvbl.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура