X
 30.10.2025 Живот

Јапонски астронаут направи неверојатни фотографии од поларната светлина од Меѓународната вселенска станица

Низ годините астронаутите на НАСА направија неверојатни фотографии од Меѓународната вселенска станица. Дон Петит, на пример, ги воодушеви љубителите на астрономијата со своите снимки на комети, поларни светлини и градови гледани од вселената. Неговиот пример сега го следи јапонскиот астронаут Кимија Јуи од Националната вселенска агенција на Јапонија, кој на социјалните мрежи објавува фасцинантни астрофотографии.

Јуи, кој од август престојува на Меѓународната вселенска станица, ја извршува својата втора мисија како дел од експедициите 73 и 74. По повеќе од 220 дена поминати во вселената, тој развил исклучителен талент за фотографирање на убавината на Земјата. Неговите фотографии прикажуваат импресивни зелено-розови нијанси на поларната светлина.

Во голем дел од неговите снимки може да се забележи и јапонскиот модул „Кибо“, што на јапонски значи „надеж“. Овој модул им овозможува на астронаутите да спроведуваат експерименти на отворено, преку посебен систем што ги изложува примероците на вакуумот на вселената.

Покрај прекрасните фотографии, Јуи често споделува и инспиративни пораки.

- Вие што се чувствувате исцрпени уште во понеделник, знајте дека и јас понекогаш се чувствувам така. Но Земјата, гледана од Меѓународната вселенска станица, ми покажува различни лица и ми дава сила. Затоа, дел од таа енергија ја споделувам со вас - напиша тој.

Освен фотографијата, Јуи работи како инженер на летот. Тој спроведува биолошки и физички истражувања, тестира технологии за идни мисии кон Месечината и управува со роботската рака на станицата за фаќање на леталата кои пристигнуваат, меѓу кои и новиот товарен брод „ХТВ-екс“.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Kimiya Yui / JAXA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот