X
 31.01.2024 Наша тема

Концепцијата за испити на крајот од средното образование ќе се применува дури по три години од донесувањето

Според МОН, новиот концепт ќе важи за оние ученици што во моментот на донесување се во прва година од средното образование, односно ќе се применува кога ќе станат матуранти.

Концепцијата за испити што ќе се полагаат на крајот од средното образование нема да се примени годинава и доколку во најскоро време биде донесен новиот Закон за високото образование. Откако ќе биде донесен, следен чекор е изготвување на новата концепција со испити која ќе важи за оние ученици што во тој момент се прва година, но откако ќе станат матуранти, одговорија од Министерството за образование за Факултети.мк.

Концепцијата ќе ја изготви Државниот испитен центар


Редакцијата достави прашања до надлежното министерство со цел да добиеме подетални податоци околу влезниот академски испит кој се споменува во текстот што го утврди Владата за новиот предлог-закон за средното образование. Прашавме дали академскиот испит ќе биде задолжителен за упис на сите факултети, од што ќе се состои и по кои предмети? Во добиените кратки одговори надлежните не нудат многу податоци освен тоа дека по донесувањето на Законот за средното образование, Државниот испитен центар ќе изготви Концепција за испити на крајот од средното образование, која ќе ја утврди министерот за образование и наука, на предлог на Државниот матурски одбор. Оттаму велат дека во Концепцијата ќе бидат опишани сите видови испити на крајот на различните видови средно образование.

- По донесувањето на Концепцијата, таа ќе важи за оние ученици што во моментот на донесување се во прва година од средното образование, што значи дека ќе се примени кога тие ученици ќе бидат матуранти. Надлежнa установа за спроведување е Државниот испитен центар. За подготовка на испитните материјали, Државниот испитен центар, како и досега, ќе ангажира стручни лица од средното и високото образование - пишува во одговорот од МОН.



Во следните неколку години останува истата државна матура


Според ова, и за годинава, а најверојатно и за следните неколку учебни години останува истата државна матура за крајот на средното училиште како досега.

Инаку, според утврдениот текст за новиот предлог-закон што на 16 јануари годинава го соопшти Владата, влезен академски испит за запишување во високото образование ќе полагаат ученици кои сакаат да го продолжат образованието на високообразовните установи, а исполнуваат најмалку еден од условите: се запишани во четврта година од средно стручно образование или средно уметничко образование; завршиле средно стручно четиригодишно образование и положиле стручна матура; завршиле средно уметничко образование и положиле уметничка матура или имаат решение за признавање на диплома за завршено средно образование во странство која е еквивалентна на завршено средно стручно четиригодишно образование или средно уметничко образование во земјава.

Нема одговор дали гимназијалците ќе полагаат академски испит


Во оваа информација никаде не се споменува што со учениците со завршено гимназиско образование и дали и за нив ќе важи влезниот академски испит.

Воведувањето на академскиот тест уште во мај 2022 година го најави тогашната директорка на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска. Таа рече дека без положен академски тест, матурантот нема да има право да се запише на факултет. Новиот концепт за полагање државна матура, од кој е дел и овој академски тест, би почнал да се применува од 2025 година. Наумовска најави дека со новиот концепт за полагање државна матура различно ќе биде тестирањето во гимназиите и во средните стручни училишта. Покрај задолжителен мајчин јазик, во гимназиите ќе има задолжително полагање математика и странски јазик, а во стручното образование ќе се полагаат стручни предмети. Таму, исто така, ќе има и академски тест.


Новиот закон за усогласување на стручното образование со пазарот на трудот

Законот за стручно образование и обука кој се применува во моментот е донесен во 2006 година. Новиот Закон за стручно образование, според предлагачот - Министерството за образование и наука, е во согласност со Стратегијата за образование 2018-2025 година, која како приоритети ги поставува: усогласување на стручното образование и обука со потребите на пазарот на трудот, подобрување на средината за учење и квалитетот на стручното образование и обука, зголемување на опфатот во стручното образование и обука и подобрување на капацитетите на човечките ресурси.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема