X
 31.08.2018 Живот

Неверојатен тренд: сѐ повеќе млади ги напуштаат социјалните мрежи!



Мислењето дека младите се зависни од социјалните мрежи е широко прифатено. Според овој стереотип, тинејџерите постојано пишуваат, постираат, лајкуваат, споделуваат... Но дoдека сè уште голем број млади и натаму своето слободно време го поминуваат пред екраните, расте бројот на оние што сметаат дека социјалните медиуми губат од својата привлечност.

Тинејџерите што ѝ вртат грб на технологијата ги има на број повеќе отколку што претпоставувате, пишува британски „Гардијан“.


Момче чита книга
(Фото: Pixabay)


Анкетата спроведена во 2017 година меѓу британските ученици открива дека 63% од нив би биле среќни ако никогаш не се измислеа социјалните медиуми. Друга анкета спроведена на 9.000 корисници на интернет од страна на агенцијата „Ампере еналајзис“ открива дека луѓето на возраст од 18 до 24 години значајно ги промениле своите ставови кон социјалните мрежи во последните две години. Додека 66% од оваа популација во 2016 година се согласуваа дека социјалните медиуми „се важни за мене“, само 57% го тврдат истото во 2018.

Додека помладите сè повеќе ги отфрлаат социјалните медиуми, постарите генерации сè повеќе ги прифаќаат: меѓу популацијата на 45-годишна возраст процентот на оние што ги ценат социјалните медиуми порасна од 23 на 28% минатата година, според резултатите на агенцијата.

Расте отпорот кон социјалните мрежи


Тоа е дел од поширок тренд. Според студијата спроведена од американската маркетинг-агенција „Хил холидеј“ за „генерацијата зед“ (лица родени по 1995 година) – половината од анкетираните изјавиле дека престанале или размислуваат да престанат да користат барем една социјална платформа.
- Кога зборуваме за односот на „генерацијата зед“ кон социјалните мрежи, тој значително е нарушен - вели Лесли Билби од оваа агенција.

Таа верува дека дефинитивно ќе гледаме сè повеќе млади што ќе ги напуштаат или значително ќе ја намалат употребата на социјалните мрежи.
- Кога помладите припадници на „генерацијата зед“ ќе го забележат ваквото однесување на нивните постари браќа и сестри или пријатели, и самите ќе почнат помалку да ги користат социјалните медиуми - вели Билби.

Како прва генерација што израснала онлајн, „генерацијата зед“ не морала да учи како се користат овие медиуми. Таа ги прифаќала социјалните мрежи во реално време, усвојувајќи ги овие платформи без голем напор.

Дигиталните староседелци им вртат грб на социјалните мрежи

Но, да се живее меѓу пиксели од најрана возраст, воопшто не е лесно. Хипер-конектираните тинејџери се соочуваат со купишта кликови, ретвитови и лајкови – и налети од допамин поради онлајн-потврдата, додека се формираат синапси во нивниот мозок.

- Стануваат преоптоварени со таа одговорност да ги одржуваат своите профили и својот донекаде напумпан имиџ кој го креираат преку своите налози, каде што постојано очекуваат и бараат потврда преку бројот на лајкови што ги добиваат за своите постови - вели Билби.

Во училиштата, социјалните медиуми можат да бидат брутален барометар на популарноста, но желбата да изградат автентични, офлаjн-пријателства мотивирала извесен број од нив да ги напуштат социјалните платформи.

Но, кога ѝ припаѓате на генерацијата дигитални староседелци, напуштањето на социјалните медиуми може да изгледа како заминување во манастир.

Тинејџерите што не се целосно подготвени да ги напуштат социјалните мрежи, одлучуваат да ја намалат активноста на извесен период. Доктор Аманда Ленхарт, која го истражува онлајн-живеењето на младите луѓе, спровела истражување меѓу американските тинејџери поставувајќи им прашања во врска со нивната одлука да земат „одмор“ од социјалните мрежи на извесен период. Најчеста причина била тоа што тие им одземаат многу време за сметка на домашните задачи и другите обврски. Втора причина бил заморот од расправиите што течат меѓу врсниците во онлајн-групите, како и чувството на притисок поради константниот наплив на информации.

Чувствуваат дека губат време на мрежите

Билби се согласува дека младите луѓе стануваат сè посвесни колку време трошат онлајн. Меѓу младите што ги анкетирал д-р Хил Холидеј, а кои ги напуштиле мрежите или планираат да го направат тоа, 44% како причина навеле дека сакаат покорисно да го поминуваат времето.

Денес младите луѓе повеќе ја ценат приватноста отколку пред 10 години

Случајот „Кембриџ аналитика“, кога беше откриена злоупотребата на личните податоци, поттикна многу млади луѓе да се повлечат од социјалните мрежи, а многумина се свртија против „Фејсбук“. Во вторникот беше објавено дека се очекува оваа година бројот на корисници на оваа мрежа на возраст од 18 до 24 години да опадне за 1,8%.

Студиите покажале дека употребата на социјалните медиуми може да има негативно влијание врз менталното здравје, на што најподложни се адолесцентите. Една анкета спроведена на целата територија на САД ја покажува поврзаноста меѓу зголемената употреба на социјалните медиуми со депресијата и бројот на самоубиства кај млади меѓу 13 и 18 години, особено кај девојчињата. А 41% од „генерацијата зед“ анкетирани од д-р Хил изјавиле дека социјалните медиуми ги прават анксиозни, тажни или депресивни.

За да ги напуштите социјалните мрежи, морате да бидете одлучни, затоа што тие апликации се дизајнирани така што да ве направат зависни.

Но, и напуштањето може да произведе друг вид анксиозност. Истражувањата покажуваат дека најголем страв од напуштањето на социјалните медиуми е стравот дека дека нешто ќе пропуштите.

Во светот каде што сите се онлајн-поврзани, отфрлувањето на социјалните медиуми е чин на бунт, контракултура. Меѓутоа, на многу млади луѓе напуштањето им изгледа како „кул“ потег, така што може да стане и нов тренд.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот