X
 31.10.2023 Технологија

Австралија направи голем напредок во производството на енергија со огледала

Навикнати сме да слушаме за производство на енергија од соларни панели, но енергија може да се произведе и со соларни колектори, односно големи огледала или леќи кои ја насочуваат сончевата светлина во тесен простор. Овие соларни колектори доаѓаат во разни форми и имаат различни дизајни и техники за насочување на светлината.

Од другата страна има ресивер кој ја апсорбира и претвора концентрираната сончева светлина во топлина. Ваквите системи бараат совршени климатски услови, со постојана сончева светлина, за да функционираат добро и најчесто се скапи.

Националната научна агенција ЦСИРО во Австралија направила клучен напредок во технологијата што може да ја направи попристапна. Истражувачите успеаја да ја достигнат клучната температура од 803 Целзиусови степени на ресиверот првпат досега. Научниците работеле над осум години за да го достигнат ова.

Новост во системот се керамички делови кои толерираат високи температури и придонесуваат за поголемо апсорбирање и чување на сончевата топлина, а со тоа се намалуваат трошоците. Досега ваквите системи можеле да издржат температури до 600 Целзиусови степени.



Оваа технологија не е конкуренција на технологијата за производство на енергија со фотоволтаици, посочува Доминик Заал, директор на австралискиот Институт за истражувања за соларна термална енергија.

- Фотоволтаиците ви даваат енергија кога свети сонцето, додека концентрираната сончева термална технологија зема енергија од сонцето, ја чува и потоа му дозволува на корисникот да ја користи таа енергија кога сонцето не свети, како ноќе или во облачни денови - појаснува Заал.

Моментално, системот во Австралија е составен од 400 огледала, а кога би бил целосен (со 10.000 големи огледала), би произведувал електрична енергија како термоелектрана со моќност од 100 мегавати. Се проценува дека инвестицијата би била вратена за помалку од пет години.

Извор: Interesting engineering
Насловна фотографија: CSIRO

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија