X
 01.01.2017 Технологија

Амазон патентирал воздушни складишта

За плановите на Амазон да ги револуционализира системите за испорака со користење на беспилотни летала (дронови) се зборува уште од 2013 година. Но, патентот што го објавиле CB Insight открива малку повеќе детали за тоа како овоj е-комерцијален гигант намерува да ги прошири доставите со помош на дронови.

Според патентната документација, Амазон одлучил да работи со складишта во воздух. Според BBC, патентот бил пријавен уште во 2014 година, но дури сега испливал во јавноста. Воздушните дистрибутивни центри опремени со одредена количина инвентар, ќе бидат позиционирани во близина на локација каде што Амазон ќе процени дека ќе се зголеми побарувачката на одредени производи.


Воздушните дистрибутивни центри како големи дисплеи

Доставувачките дронови, вклучувајќи ги и моделите со контролирана температура за достава на храна ќе бидат сместени на воздушни дистрибутивни центри подготвени за испорачување по примените нарачки.

Во патентната документација се наведува пример за спортските центри. На пример, кога на теренот ќе се одржува важно спортско натпреварување, Амазон на посетителите ќе им доставува грицки и спортски сувенири. Освен доставите, воздушните дистрибутивни центри би функционирале како големи огласни дисплеи. На пример, кога ќе летаат во близина на стадион, ќе прикажуваат аудио и видео огласи во близина на главниот настан.

Целата логистичка инфраструктура е осмислена како комплексна мрежа за воздушна достава. Освен воздушните дистрибутивни центри и поврзаните дронови, компанијата замислила и големи шатлови (shuttles) што ќе служат за превоз на луѓе, резерви и дронови до дистрибутивните центри и назад на земјата.

Поврзување во комплексна мрежа

Големиот шатл за превезување на дроновите до воздушните дистрибутивни центри ќе му овозможи на Амазон дроновите да ги користи исклучиво за извршување достави.

Секако, сите наведени елементи би биле поврзани со системот за управување со инвентарот и другите софтвери, и далечински компјутерски системи со кои луѓето во Амазон ќе управуваат од земјата и од воздух. Додека летаат наоколу, шатловите и дроновите би функционирале поврзани во мрежа и меѓусебно  би разменувале информации за временските услови, брзината на ветерот, без разлика на тоа дали имаат распоред за доставување или летаат исклучиво во тест-цели.   
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија