Веќе втора година како работи акредитираната Лабораторија за заштита на животната и работната средина при Техничкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Таа е единствената универзитетска лабораторија во државата со акредитација за ваква намена. Врши мерења на бучавост, штетни гасови од оџаци и услови во работните средини. Нејзиното постоење е вистинско олеснување и намалување на трошоците за компаниите од Југозападна Македонија зашто претходно одредени мерења кои беа законски обврзани мораа да ги спроведат ангажирајќи приватни акредитирани компании од други градови.
Раководител на лабораторијата е проф. д-р Владимир Мијаковски, а контролор проф. д-р Вангелче Митревски, двајцата редовни професори на Техничкиот факултет во Битола.
Проф. д-р Владимир Мијаковски
По трагедијата во Кочани, задолжително се бара мерење на бучавост
Лабораторијата годишно врши над 50 мерења на бучавост. Барањата на фирмите за оваа услуга пораснаа по трагедијата во Кочани.
- Угостителските објекти се задолжени да изработуваат елаборати за заштита на животната средина, а дел од нив се и мерењата што се прават во одредени 3-4 точки за тоа дали бучавата што се генерира од музика ја надминува вредноста во одреден период на денот и согласно зоната каде што е стациониран објектот. Тоа е сега актуелно и имаме зголемена потреба од такви мерења. По настанот во Кочани, инспекциските служби излегуваат на терен и онаму каде што ќе воочат дека нема изработено таков елаборат, ги задолжуваат да го направат - вели проф. д-р Митревски.
Проф. д-р Вангелче Митревски
Според спроведените мерења, најризични зони се делови од градовите каде што има кафулиња, на пример, Широк сокак во Битола. Но, се случува при мерењата некогаш да не може да се разграничи бучавата од музиката и од други извори на звуци, на пример, од возилата.
Примероци земаат од врвот на ложиштата додека тие чадат
Вршат и ризични мерења како оние за издувни штетни гасови од оџаци високи по неколку метри. Тоа се ложишта на правни субјекти со капацитет помал од 1 мегават кои користат котли на цврсто или друг тип гориво за производство на технолошка пареа или за загревање на објектите. Овие фирми се задолжени еднаш годишно да ги мерат емисиите согласно Законот за заштита на квалитетот на амбиенталниот воздух. Во нив спаѓаат и производствени погони и хотели.
- Тоа се ризични мерења зашто на оџаците се качуваме со скала, треба да дефинираме испуст. Оџакот треба да чади, а испустот се прави на горната точка, па под врвот на оџакот треба да се земе соодветен примерок. Треба лице од лабораторијата да биде качено таму и притоа да користи средства за лична заштита - додаваат професорите.
Имаат ингеренции да прекинат работен процес дури и без инспекција
Лабораторијата во Битола е акредитирана и за мерења во работната средина од аспект на моменталната вредност на температура, релативна влажност, брзина на струења на воздухот, бучава и јачина на светлина. Доколку не се исполнети потребните услови на работните места, од лабораторијата можат да го прекинат производствениот процес.
- Има случаи вработените да пријават дека има недоследности, па од наша страна се прават мерења, се препишуваат мерки за отстранување на причините за недостатоците, а работодавецот е законски задолжен да постапи по нашите укажувања зашто имаме овластувања како стрчни лица од безбедност и здравје при работа да наредиме и прекинување на производствениот, технолошкиот и услужниот процес и без инспекција - вели Митревски.
Одржувањето на акредитираните лаборатории е скапо
Поради тоа, некои од универзитетските лаборатории во државата се откажаа од акредитациите. Кадарот од Техничкиот факултет во Битола упорно и ентузијастички се обидува да ја одржи во функција лабораторијата. Секоја година минуваат на проверка од Институтот за акредитација, а еталонирањето на инструментите се врши во странство.
- Обемот на работа е на границата на трошоците. Лабораторијата генерира трошоци, а треба да е самоодржлива. Потребни се парични средства за проверката на Институтот, за еталонирање на инструментите за работна средина, кои ги носиме дури во Белград, што чини 400 евра плус патни трошоци. Дел од трошоците сами ги финансираме, но работиме со голем ентузијазам и посветеност за лабораторијата да опстои - велат професорите.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, надвор од овие услови или без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.