X
 29.03.2024 Живот

Донесен Законот за основање Медицински факултет во состав на УКЛО

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) во својот состав ќе вклучи Медицински факултет. Овој значаен момент за проширување и збогатување на наставно-образовната дејност на УКЛО е поврзан со донесениот Закон за основање Медицински факултет во состав на Универзитетот.

Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, и раководството на УКЛО со големо задоволство ја споделуваат новоста која се оценува како историска и особено важна не само за развојот на Универзитетот, туку и за општината и поширокиот регион.

Ректорот заедно со раководството на УКЛО (проректорите и претседателот на Универзитетскиот сенат) изразуваат благодарност до Собранието на Република Северна Македонија и сите релевантни чинители што помогнаа да се реализира една одамнешна желба и остварување на еден повеќедецениски сон и заложба на многу здравствени и научни работници.



Медицински факултет во рамките на УКЛО се основа во духот на концептот за едукација на медицински стручњаци на стручни и академски додипломски, постдипломски студии, специјализации и супспецијализации и докторски студии како и применувачка дејност од научните полиња на медицината.

Факултетот е правен наследник на Високата медицинска школа – Битола и планирано е да има четири отсеци: Општа медицина, Стоматологија, Фармација и Висока медицинска школа. Посебно нѐ радува фактот што втората најстара високообразовна установа од областа на медицинските науки во државата, Високата медицинска школа – Битола основана во 1988, продолжува да работи во постојниот состав во рамките на новоформираниот факултет што ќе овозможи континуитет и нови перспективи за академско образование на стручен медицински кадар (медицински сестри, лаборанти и сл.).



Во врска со Законот за формирање Медицински факултет, менаџментот на УКЛО ја истакнува подготвеноста веднаш штом Владата формира Матична комисија за основање на факултетот, законот да се операционализира, и во соработка со научностручната фела од областа на медицинските науки да се докаже дека овој регион заслужува и може да има квалитетни академски студии од областа на медицинските науки.




(Комерцијална објава)
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот