X
 01.10.2022 Наша тема

Совршен спој на природа, историја и уметност во Пелинце

Меморијалниот комплекс и музеј АСНОМ зафаќа површина од околу 8,5 хектари. Одличен е за пикник, риболов, разни активности, но може да се ужива и во благодатите што ги нуди, како чист воздух, тишина, но и бујна вегетација под сенка со прекрасни летниковци и катчиња за уживање и релаксација

На околу триесет километри од градот Куманово, во атарот на Општина Старо Нагоричане, во преубавата бујна вегетација на селото Пелинце, на брегот на реката Пчиња, се наоѓа Меморијален комплекс и музеј АСНОМ. Комплексот поседува паркинзи, зелени тревни површини, парк, реката Пчиња, спортски игралишта и музеј кој се издига како централен објект во него – Меморијален музеј АСНОМ, ни споделува Данијела Даиловска, водич во музејот.

Музејот е отворен за јавноста на 2 август 2004 година. И може да се посети секој работен ден и за време на викенд, освен понеделник.



Атрактивна локација за посета и уживање

- Меморијалниот комплекс зафаќа површина од околу 8,5 хектари. Одличен е за пикник и правење скара, особено за деца за време на викенд, но и во текот на работната недела. Во текот на летните месеци комплексот е совршен за бањање, риболов, разни активности, но може да се ужива и во благодатите што ги нуди, како чист воздух, тишина, но и бујна вегетација под сенка со прекрасни летниковци и катчиња за уживање и релаксација. Меморијалниот комплекс и музеј претставува атрактивна локација за посета и уживање. Совршен спој на природа, историја и уметност - ни изјави Данијела.


Данијела Даиловска

Инаку, селото Пелинце е од разбиен тип, со маала кои се наоѓаат од двете страни на реката Пчиња, во северниот дел во атарот на Општина Старо Нагоричане, соседна општина на градот Куманово. Освен Меморијалниот комплекс на влезот на селото Пелинце, во него уште можат да се видат и селската црква „Св. Ѓорѓи“, лоцирана во маалото Златинци до старото основно училиште.

- Во Општина Старо Нагоричане, покрај Меморијалниот комплекс, секако главна туристичка дестинација е археоастрономската опсерваторија Кокино - дополнува таа.



Посетителите се воодушевени од мозаикот на Рубенс Корубин

Како што вели таа, постојано има посетители. Доаѓаат гости од секоја возраст.

- Најчесто родители со деца кои сакаат да го научат патот на создавањето на македонската држава. Сите посетители ги интересира кога е отворен музејот, содржината на мозаикот кој го краси влезот на музејот - дело на Рубенс Корубин со свои студенти, информации за одржување на Првото заседание на АСНОМ и содржините што ги нуди. Ги воодушевува импозантната градба според проектот на архитектот Георги Константиновски, меморијалната соба - копија на салата во Прохор Пчињски, каде што се одржало заседанието, фотографии кои се изложени во музејот и копии на одлуките изгласани на Првото заседание - раскажува нашата соговорничка.



Ги воодушевува и монументалниот мозаик на Рубенс Корубин, направен во 2004 г., во кој секое камче и стакленце си го наоѓа своето место во сцените кои ги прераскажуваат нашата историја, писменост, флора, фауна и елементи од грчка митологија, дополнува Данијела.



Посетителите секогаш имаат прашања, а она што најмногу ги интересира е: - Кога е отворен музејот? (2004 година на 2 август), Кога работи? (од вторник до недела од 9 до 16 часот), Дали меморијалната соба е копија и кои се одлуките од Првото заседание на АСНОМ?, Кога и каде е одржано заседанието?, Зошто Пелинце е место одбрано да се направи музејот и комплексот на АСНОМ? (најблиску е до Прохор Пчињски, на 7 км од Прохор Пчињски), Како се вика мозаикот и чие дело е? Рубенс Корубин - Мозаик - Македониум - нѐ информира Данијела.



Во музејот најчести се македонските гости, но доаѓаат и странски посетители од Србија, Германија, Америка, Франција и др., странски амбасади, воени лица и други организирани групи од целата наша држава. Доаѓаат и студенти, ученици со родители или со организирани екскурзии, пензионери.

- Посетителите како подарок добиваат повеќејазични брошури за комплексот и музејот - посочува Данијела.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема