X
 26.11.2025 Наша тема

Божидар Коцевски го освојува германскиот филм: „Тука само околу 5 % од актерите можат добро да живеат од својот занает и јас сум благодарен што спаѓам во нив“

Роден е во Штип, во 1989 година. На возраст од една година заедно со семејството заминал за Хајделберг, Германија, каде што во тоа време се барал медицински кадар, па неговите родители тука виделе можност да обезбедат подобар живот. Неговата сестра се родила таму шест години подоцна. 

Семејството Коцевски останало да живее во Германија. Божидар Коцевски, или Божи како што го нарекуваат скратено, студирал актерство на Универзитетот за уметности во Берлин од 2009 до 2013 година и денес е дипломиран актер кој гради успешна актерска кариера во Германија.

- Верувам дека секој човек е роден како актер бидејќи децата природно си играат. Многумина ја губат таа креативност во текот на созревањето поради надворешни околности или општествени правила. Јас, пак, ја зачував мојата љубов кон актерството и постојано ја развивам - вели Божи.



На факултет многу пракса, а помалку теорија

Во Германија постојат приватни и државни школи за актерство. За приватните, посочува дека често примаат секого за да остварат финансиска корист и имаат помал углед, па и шансите за работа по дипломирањето се ограничени. Државните школи се поценети и со повисоки критериуми за упис. За приемните испити, студентите кои сакаат да студираат актерство подготвуваат три монолози, една песна и музичка нумера. Интересот е голем, но процесот на селекција остар и дел од кандидатите испаѓаат.

-Годишно се пријавуваат до 1.000 кандидати, а испитите се одржуваат во повеќе кругови, по секој круг постои можност да се испадне. Наставата е многу практична: актерство, пеење, танц, движење, јазик, работа на гласот, акробатика и таи-чи. Теоријата е минимална, ограничена на неколку часа историја на уметноста неделно. Испитите се повеќе формативни: по првата година се оценува развојот, понекогаш тоа води и до исклучување - вели Коцевски.


Студирањето е напорно, со целодневен распоред

Во втората година се изведуваат монолози и сцени, често во соработка со наставници кои самите се професионални актери – така се стекнуваат првите контакти. Во третата година класата подготвува поголем проект, сличен на вистинско театарско претставување, а се покануваат професионалци од театарот. Завршниот испит е на крајот од четвртата година кога се презентираат најдобрите монолози и сцени од сите четири години во заедничка програма. Се покануваат директори, режисери и актери од цела Германија. Често од тоа произлегуваат први аудиции и ангажмани.

- Студирањето само по себе не беше тешко, но беше многу напорно и одземаше многу време бидејќи распоредот беше полн. Најпредизвикувачки за мене беа часовите за правилна употреба на гласот бидејќи треба да се научи да се игра тивко и изразно, без преоптоварување на гласот. Најмногу уживав во часовите по актерство, особено со мојот прв наставник Херман Шмит-Рамер, кој ми ги постави основите и ми ја пренесе денешната практична методологија - додава Божи.



Спаѓа во 5 проценти актери што во Германија добро живеат од актерството

По дипломирањето, работел три години во Театарот во Фрајбург, а потоа седум години во Германскиот театар во Берлин. Од 2022/23 тој е слободен актер и главно снима филмови. Играл во филмовите: „Пранге, ти си сосед“ (Prange - Man ist ja Nachbar), „Вториот курс“ (Der zweite Gang), „Јас умирам, доаѓаш ли?“ (Ich sterbe. Kommst du?), сериите: „Двајца убијци во шумата“ (Zwei Mörder im Wald), „Итен повик од крајното пристаниште“ (Notruf Hafenkante), „Убиства на север“ (Morden im Norden), „Преку западната страна на Шпре“ (Jenseits der Spree) и други, како и во повеќе театарски претстави.

- Актерството е субјективно и зависи од личниот вкус – за разлика од спортот каде што резултатите се мерливи. Може да си подготвен или талентиран, но понекогаш едноставно не одговараш на моменталните потреби. Во Германија само околу 5 % од актерите можат добро да живеат од својот занает, и јас сум благодарен што спаѓам во тие 5 %. За мене како доселеник, тоа не беше голема пречка во театарот, каде што потеклото ретко има значење. Во филмот и телевизијата, сепак, на почетокот често се добиваа стереотипни улоги. Со искуство на сцена и при снимање, тоа се подобрува, но изборот на улоги останува сложено прашање - додава Божи.

Кај театарот ги сака пробите на сцена и кога заедно со колегите ја држат публиката два часа во живост. Но, вели дека такви проекти се ретки, па затоа денес преферира снимање филмови. Таму се заработува повеќе, има повеќе слободно време и проектот е завршен по снимањето. Дополнително, се работи на различни локации, во различни сезони и со различни колеги, што е многу разновидно.



Не доби улога во македонски филм

Досега немал можност да игра во македонски филм иако многу сака. Учествувал на еден кастинг, но не ја добил улогата.

- За жал, знам премалку за македонската кинематографија бидејќи немав време да се посветам на тоа или да гледам македонски филмови – бев многу зафатен со мојата кариера. Сепак, оваа година имав кастинг за македонски филм. Обично немам трема ниту пред претстави ниту на кастинзи, но за овој проект бев многу возбуден и интензивно се подготвував една недела. Тоа што не ја добив улогата беше ретка разочараност за мене, особено затоа што сакав тоа да го споделам со семејството. Истовремено ја пропуштив шансата да работам во Македонија и да ја запознам оваа уметност. Се надевам дека повторно ќе се отвори таква можност - вели Божи.


Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема