X
 03.08.2023 Наша тема

Кога бев студент со Биљана Ангелова, ректорка на УКИМ: „Во сесија немаше излегување, пишував цели скрипти и правев компилации од неколку книги за поголемите испити“

Секогаш сум учела систематски, а не кампањски. Се разбира, студентскиот живот не би бил толку интересен и возбудлив ако не се тука студентските забави и дружења, како и времето поминато на предавања и во подготовка на испитите со колегите. Од денешна перспектива, не би променила нешто. Не жалам за времето поминато над книгите, вели Биљана Ангелова

Биљана Ангелова е новата ректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Додипломски и последипломски студии завршила на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што и докторирала во 1999 година на Економскиот факултет. Во Економскиот институт е вработена од 1992 година, каде што во континуитет се избира во сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана за советник/редовен професор во областа на деловните финансии, а во 2012 година е избрана за редовен професор во областа на финансиски менаџмент. Автор е на повеќе од 70 публикувани научни трудови и трудови презентирани на конференции и печатени во меѓународни списанија, 10 учебници, учебни помагала и прирачници, а учествувала во реализацијата на голем број научноистражувачки и апликативни проекти. Реализирала студиски престои на универзитети и институции во повеќе земји.

Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, ја навративме на факултетските денови, дружења, предизвици.



Гимназијата беше строга, но нѐ научи како да учиме


- Основното образование го завршив во Скопје, во училиштето „Коле Неделковски“, кое се наоѓа во Дебар Маало каде што сум родена и каде што пораснав и живеев целата моја младост. Детството го поминав на релација Дебар Маало – Центар, каде што живееја моите баби, роднини и моите другари. Живеев во куќа на моите родители многу блиску до училиштето, во близина на слаткарница „Апче“ и речиси секојдневно одев до Домот на пратеници каде што живееше мојата друга баба и таму го поминав моето рано детство, во куќа полна со антиквитети, слики, книги и филателиски албуми, каде што уживав да претурам и да престојувам и која ми буди најубави спомени. Тоа беше едно сосема различно време во споредба со денешново. Детството ни поминуваше во училишните и маалските дворови, со многу игри и дружби во еден многу поспокоен и безбеден амбиент исполнет со обични секојдневни настани - ни споделува Билјана.

Средното образование го продолжила во гимназијата „Орце Николов“, период за кој вели дека имал големо влијание врз нејзиниот понатамошен развој.

- Бев еден од најдобрите ученици во класот. Многу читав и учев и дефинитивно можам да кажам дека токму таму научив да учам. Најголем дел од овој четиригодишен период го посветив на книгата. Гимназијата беше строга, но нѐ научи како да учиме, како да ја засакаме книгата, како да се натпреваруваме за повеќе знаење. Во тој период посебна љубов развив кон литературата. Чинам дека најзаслужна за тоа беше мојата професорка по македонски јазик и литература Вера Иванова, чии предавања ги воспримав со многу восхит. Бев неколкупати наградувана за најдобри литературни состави и таа желба и љубопитност кон пишаниот збор ми остана до денес - раскажува Ангелова.



Дилемата била меѓу економија и архитектура

Ни кажа дека припаѓа на првата генерација што полагаше приемен испит за упис на факултет. Поради тоа, морале да се определат за идната професија уште во текот на средношколските денови бидејќи зависно од изборот на факултетот, се вршел и изборот на предмети што се полагале за прием на факултет.

- Тука ми се појави дилемата каде потоа? Покрај литературата, во тој период имав голем афинитет и кон цртањето. Интересот и љубовта кон архитектурата ме држат и денес. Речиси цела една година, до матурирањето, размислував за избор на мојата идна професија. Обично во тој период од животот ретко кој знае или има цврсти ставови околу својата кариера и изборот на професијата. Моите мисли беа поделени околу две сосема различни професии, а тоа се економијата и архитектурата. Архитектурата ја засакав преку еден мој роднина, познатиот архитект Јован Стефановски, со кого израснав. Тој беше студент, а јас во претшколска возраст. Ме чуваше неговата мајка, а моја тетка, така што додека тој студираше, црташе по огромните хамери и правеше макети, јас постојано го набљудував, а тој разговараше со мене. Но, пресуден за мене беше поимот на успешен деловен човек и економист кој го гледав во својот татко. Во тој период од животот и јас се гледав на таква позиција, која тогаш ми се чинеше интересна и посакувана. Мојата конечна одлука беше да се запишам на Економскиот факултет, и кога повторно би требало да се одлучам каде да студирам, тоа ќе биде мој дефинитивен избор – ни споделува таа.

Меѓу најдобрите студенти во генерацијата

Кога ќе се присети на студентските денови, вели дека ја обземаат убави чувства, дека тоа е најубавиот период од животот.



- Тоа е можеби најубавиот период од животот. Ги имате младоста, која е убава сама по себе, безгрижноста, дружењата и новостекнатите пријателства, возбудата од новонастанатите обврски на факултетот и учењето. Првите две години од студиите не ми предизвикаа посебна возбуда и љубопитност, но потоа почнав вистински да ја засакувам мојата идна професија. Бев еден од најдобрите студенти во генерацијата, а тоа не се постигнува без искрено да ја засакате таа наука. Мојот интерес за оваа професија буквално се „распламти“ во трета и четврта година од студиите кога ја избиравме насоката, а потоа и на последипломските студии – вели Ангелова.

Студентските денови ѝ поминале во многу учење, иако смета дека основата што ја стекнала во гимназија многу ѝ го олеснила учењето на факултет.

-Секогаш сум учела систематски, а не кампањски. Се разбира, студентскиот живот не би бил толку интересен и возбудлив ако не се тука студентските забави и дружења и времето поминато на предавања и во подготовка на испитите со колегите. Од денешна перспектива, не би променила нешто, можеби повеќе разонода и ништо повеќе. Не жалам за времето поминато над книгите. Целиот живот, а и денес учам, сѐ уште со истата возбуда истражувам и не можам да се опуштам ако имам некоја незавршена работна обврска. Ова чувство на одговорност го имав како студент, а не ме напушти до ден-денес – споделува таа.

Учење во континуитет

Секој студент има вакви спомени и само носталгично се сеќаваме на тие денови во кои имаше и смешни и непријатни моменти, вели Ангелова.

-На пример, во тоа време на насоката на која студирав имаше предмет Меѓународни економски односи, во кој имаше многу сувопарна теорија, па професорот не успеваше да го задржи нашето внимание. Со мојата колешка, инаку денес реномирана деловна жена во бизнисот, се занесовме во некои муабети и почнавме тивко да се смееме. Професорот побара да ја напуштиме предавалната. Уште се сеќавам на тој срам кога излеговме, иако од денешна перспектива ми е повеќе смешно отколку непријатно – се присетува Биљана Ангелова.



Студиите ги поминала во многу учење, и тоа во континуитет. Испитите ги спремала сама или со некој од колегите.

-Секој предмет морав да го прочитам по неколку пати. Знаев да пишувам цели скрипти и компилации за некои од поголемите предмети кои ги спремавме од неколку книги. Немав посебен ритуал. Се знаеше дека кога ќе дојде сесија, нема излегување или тие беа сведени на минимум. Се учеше деноноќно, но и тоа е прашање на карактер. Јас отсекогаш сум била одговорна и посветена. Додека траеше сесијата, единствена преокупација ми беше учењето, а потоа се разбира, по успешно завршена сесија, следуваа излегувања, забави и дружби - споделува нашата соговорничка.

На прашањето кој предмет ѝ задал најголема мака и сакала да го нема, се согласува дека не сите предмети се еднакво интересни.

- Додека студирав се прашував зашто мора да се изучуваат некои од нив. На пример, за да се положи Политичка економија 1, требаше да се прочита „Капиталот“ од Карл Маркс, кој е азбука на економијата, но и многу интересен и битен предмет и еден од омилените предмети на многу студенти. Но имаше и такви што не беа интересни, не дека ми претставувале проблем, туку едноставно предмет што не ви е омилен. Не го сакав предметот Основи на книговодство. Дури и мојот омилен професор и ментор кој го предаваше беше свесен за тоа, па понекогаш знаеше да каже некоја шега за да ни го задржи вниманието - ни откри таа.

Учењето никогаш не го исцрпува умот

Како студент на микроекономија, студирала на комерцијална насока во тоа време и се гледала себеси во бизнис-секторот. Впрочем, така почнал нејзиниот кариерен пат.

-Веднаш по студирањето се вработив во една од најголемите трговски компании во тоа време „Макотекс“ извоз -увоз Скопје. Но со вработувањето се поклопи и мојот упис на постдипломски студии по маркетинг и надворешна трговија, бидејќи упис немаше секоја година, а се поклопи токму една година по дипломирањето. Сѐ повеќе ја засакував оваа професија и бев прогласена за најдобар студент во генерацијата. Сето ова се случуваше при крајот на осумдесеттите години и распадот на тогашната Југославија. Магистрирав веднаш по осамостојувањето на Македонија, во 1992 година. Како добар студент со висок просек, бев стипендист на Министерството за образование. Тоа ми овозможи да се вработам во Економскиот институт и ми отвори една нова и сосема поинаква перспектива од онаа што ја замислував како студент. Докторирав пет години подоцна, на свои 35 години, во областа на финансиите, област која ја избрав поради мојот професионален ангажман, но и инспирирана од мојот ценет ментор, проф. д-р Слободан Марковски, кој беше респектиран експерт и професор на неколку универзитети во тогашна Југославија – ни раскажа Биљана Ангелова.



Она што е таа денес на професионално поле е во голем дел резултат на знаењето и сите други вредности што ѝ ги пренеле нејзините професори, за што многу им е благодарна.

- Факултетот ја дава основата за сите академски и стручни компетенции. Потоа, во текот на животот ги градиме своите професионални кариери кои се во основа профилирани од стекнатото образование, професионалното искуство и дефинитивно од желбата за континуирано учење и напредување. „Учењето никогаш не го исцрпува умот“, рекол Леонардо да Винчи. Мојата препорака до сите студенти е да не се штедат кога е знаењето во прашање. Успехот ќе го уживаат само оние што се вложиле во учење и стекнување знаења и вештини. Знаењето денес, поради брзиот технолошки развој, брзо застарува, па затоа учењето трае цел живот и не застанувајте по завршувањето на факултетот. Останете љубопитни за нови искуства и знаења зашто само така ќе можете да стигнете таму каде што сте замислиле. Разбудете ја страста кон учењето зашто ако го направите тоа, никогаш нема да престанете да созревате. „Оној што ќе престане да учи, старее, без разлика дали има 20 или 80 години. Оној што постојано учи, останува млад“ рекол Хенри Форд.
И покрај многу нарушени вредности во општеството, сепак, знаењето е она што ќе нѐ спаси и ќе ни помогне да се справиме со проблемите, да победиме и самоуверено да чекориме кон подобро утре - апелира таа до студентите.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема