X
 03.09.2022 Економија

И Белгија со низа мерки за штедење енергија, се планира повисок данок за енергетските фирми

Белгија најави низа мерки за ублажување на растот на цените за енергијата. Меѓу другото, се предвидува намалена потрошувачка на енергија во зградите, а се предлага и оданочување на вишокот добивка на енергетските фирми како „Енжи“ и „Тотал енерџис“.

Белгискиот премиер Александер де Кро најави дека греењето во јавните згради ќе се ограничи на 19 Целзиусови степени, а ќе се ограничи и ладењето со климатизери. Светлото во канцелариите на јавните згради и спомениците ќе се гаси во 19 часот, а ќе се разговара и за гасење на светлата на автопатите и во градовите во одредени часови.

- Ако секој граѓанин штеди енергија кога и да може, ќе заштеди сопствени пари, но притоа и цените ќе паѓаат. Често малите потоци се претвораат во големи реки - изјавил Кро.


Фото: Pixabay

Сојузната влада одлучила намалениот ДДВ од 6 отсто да го примени и на плинот и на струјата, но и да воведе посебна енергетска стапка за сиромашни до крајот на првиот квартал од 2023 г.

На крајот од месецот Владата ќе претстави и предлог за оданочување на вишокот на добивката на енергетските фирми. Белгија веќе добива 800 милиони евра од даноци на нуклеарната енергија, а сега сака ваквиот данок да го прошири и на другите фирми во енергетскиот сектор.

Руската инвазија на Украина ја принуди Белгија, земја од 11 милиони луѓе, да ја ревидира својата енергетска стратегија во чии рамки планираше целосно да ја отфрли нуклеарната енергија до 2025 година.

Според податоците на „Еуростат“, Белгија има најголема инфлација во енергетиката од земјите во ЕУ.

Извор: Fenix magazin
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија