X
 04.03.2025 Наука

„Парадоксот на среќата“: Науката објаснува зошто обидот да бидете среќни ве прави несреќни

Луѓето што се обидуваат да бидат посреќни, всушност, токму поради тој труд се чувствуваат понесреќни. Овој феномен, познат како „парадокс на среќата“, конечно доби научно објаснување.

Иако овој термин се користи во истражувањата повеќе од една деценија, досега не беше јасно што го предизвикува.

Според новото истражување објавено во списанието „Аплајд сајколоџи: Хелт енд вел биинг“, причината лежи во тоа што обидите да се постигне среќа ментално исцрпуваат. Ова ги намалува волјата и самоконтролата, што доведува до полесно донесување самодеструктивни одлуки и, како резултат, до поголемо чувство на несреќа. Истражувањето го спроведе Универзитетот во Торонто.

- Потрагата по среќа е како ефектот на снежна грутка. Решавате да бидете посреќни, но токму трудот да го постигнете тоа ве спречува да правите работи што навистина ве усреќуваат - вели Сем Маглио, професор по маркетинг на Универзитетот во Торонто и автор на истражувањето.

Тој додава дека ова е слично на чувството кога се враќате дома по напорен работен ден. Колку повеќе сте ментално исцрпени, толку е поголема веројатноста да ја одложите домашната работа и наместо тоа, да поминувате време скролајќи на социјалните мрежи.

Маглио и неговата коавторка, професорката Екјанг Ким од Универзитетот во Сиднеј, го истражувале овој феномен и во 2018 година.

- Целата поента е дека потрагата по среќа ги троши нашите ментални ресурси. Наместо едноставно да се опуштиме, ние вложуваме напор да се чувствуваме поинаку - објаснува Маглио.

Според него, среќата не треба да се сфаќа како нешто што треба да се постигне по секоја цена. Наместо тоа, треба да се гледа како песок на плажа.

- Можете да се обидете да го зграпчите песокот со рака и да го контролирате, но колку повеќе се обидувате, толку повеќе ви се лизга низ прстите. На крај, ќе мора да ја опуштите раката. Затоа, само опуштете се. Не обидувајте се постојано да бидете пресреќни. Наместо тоа, фокусирајте се на работи што навистина ги сакате, вреднувајте го тоа што веќе го имате и прифатете го како извор на вистинска среќа - советува Маглио.

Извор: Nauka.telegraf.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука