X
 04.06.2022 Технологија

Поглед кон Земјата од капсулата на „Боинг“

„Боинг“ сподели видео со идиличен поглед од прозорецот на неговата капсула ЦСТ-100 Старлајнер додека се упатуваше кон вселената при неодамнешниот тест-лет без екипаж.

На снимката се гледа Земјата и орбитално зајдисонце додека леталото се упатува кон Меѓународната вселенска станица (ISS) на краток престој.

Капсулата на „Боинг“ беше лансирана од Кејп Канаверал во Флорида во четвртокот, на 19 мај, носена во орбитата со ракетата „Атлас V“ на „Јунајтед лаунч алајнс“.

На летот „Старлајнер“ ја зеде и куклата Рози Рокетир. Куклата опремена со сензор им овозможи на научниците да ги следат и проценат условите во капсулата за време на нејзината петдневна мисија.

Откако достави резерви за астронаутите на Меѓународната вселенска станица, капсулата се врати дома слетувајќи со помош на падобран во пустината Њу Мексико во средата, на 25 мај.

Инженерите сè уште ги проценуваат сите податоци од мисијата, но првичните индикации покажуваат дека сè се одвивало според планираното. Вселенското летало се покажа подобро отколку на првиот лет во 2019 година кога софтверските проблеми го спречиле да стигне до Меѓународната вселенска станица.

Доколку се потврди дека неодамнешната мисија била успешна, „Боинг“ ќе соработува со НАСА за да го организира првиот лет со екипаж на „Старлајнер“ до вселенската станица, кој би можел да се случи пред крајот на оваа година.

Летот со екипаж ќе има цел да понуди конечен доказ за безбедноста и доверливоста на капсулата, овозможувајќи ѝ на НАСА да ја користи на редовна основа за мисии на астронаути до и од Меѓународната вселенска станица. Во моментов американската вселенска агенција има пристап само до една оперативна капсула - „Кру драгон“ на „Спејс екс“. „Кру драгон“ го заврши својот прв лет со астронаути во 2020 година и сега е составен дел од мисиите на НАСА во ниската орбита на Земјата.

Извор: Digitaltrends.com
Насловна фотографија: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија