„Дизајнот на ентериер и мебел е уметност која бара посветеност и пожртвуваност, а прекрасно е чувството вложениот труд да ти биде признаен на ваков начин“, потенцира Мила Чолакоска, која го доби признанието за најдобар студент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер за академската 2023/2024 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
- Мојот успех се должи на многу вложен труд, посветеност и пожртвуваност. Прекрасно е чувството вложениот труд да ти биде признаен на ваков начин - вели Чолакоска.
Нејзиното воодушевување од уникатните и несекојдневни ентериери што ги среќавала патувајќи во различни земји било причина да ја засака оваа креативна професија.
- Не можам да кажам дека гените ми одредиле да студирам и да се занимавам со дизајн на ентериер и мебел, но можам да кажам дека отсекогаш сум се воодушевувала на уникатни и несекојдневни ентериери кои особено сум ги среќавала при патувања во различни држави. Уште како мала бев фасцинирана од тоа како секој дом може да има целосно различен и уникатен ентериер преку кој всушност се одразува карактерот на самата личност - открива Мила.
Додека студирала, се соочила со најголемиот предизвик, во трета година, кога започнале предавањата со физичко присуство. Мила е дел од генерацијата што ги почна своите студии во пандемијата.
- Во трета година се соочив со најголеми предизвици, кога почнавме со предавања со физичко присуство. Ние бевме таа генерација што започна со студии за време на пандемијата, така што првите две години предавањата се одржуваа целосно онлајн. Таквата транзиција за мене не беше лесна, но успеав да се справам и со тој предизвик - открива Мила додавајќи дека професорите биле тука за студентите кога им требала дополнителна помош.
Најголем интерес за време на студирањето ѝ побудиле сите предмети што биле фокусирани на проектирањето, кои ѝ ја дале потребната основа за идната кариера.
- Најинтересни ми беа предметите: Нацртна геометрија, Перспектива, Индустриски дизајн, Стилови и декорација и сите предмети што беа пофокусирани на проектирање. Особено би ги издвоила првите два предмета што ги споменав бидејќи преку нив всушност научив рачно да цртам 3Д-цртежи.
Тоа многу ми помогна бидејќи моментално голем дел од мојата работа како дизајнер е работа со програми за 3Д-моделирање, така што сметам дека овие предмети ми ја дадоа потребната основа за мојата понатамошна кариера - истакна Чолакоска.
Во моментов работи како дизајнер на ентериер и мебел во фирмата ,,Компанија Велкоски”, каде што работи со проектирање и реализирање проекти за станбени и деловни простории.
- Прво, би сакала да стекнам работно искуство и да изградам поголемо портфолио што ќе ми помогне при реализацијата на магистерските студии, кои би ги запишала во блиска иднина - открива Мила.
Таа смета дека оваа професија е уметност која бара да бидеш креативна личност. Порано била потценета, но сега, со развојот на градежниот сектор, струката има голем напредок.
- Дизајнот на ентериер и мебел е уметност и сметам дека за да бидеш успешен во оваа сфера, треба да бидеш креативна личност. За жал, во нашата држава, како и секоја друга уметност, и дизајнот на ентериер и мебел беше потценет, па дури и целосно занемарен.
Сепак, може да се забележи голем напредок и развој на овој сектор во последниве неколку години со тоа што сега има многу повеќе можности и работни позиции за дизајнери на ентериер и мебел, бидејќи конечно и оваа струка почнува да се цени и во нашата држава - заклучи дизајнерката на ентериер и мебел, Мила Чолакоска.
Фото: приватна архива