X
 05.02.2022 Наука

Имаме „шесто сетило“ и тоа е клучот за нашата благосостојба

Повеќето луѓе се запознаени со петте сетила (за допир, вид, слух, мирис и вкус), но не секој знае дека имаме дополнително сетило наречено интероцепција. Интероцепција е чувството што го имаме за себе засновано врз тоа како си го перципираме сопственото тело и она што се случува во него. Ова е чувството за внатрешната состојба на нашето тело. Тоа ни помага да ги чувствуваме и интерпретираме внатрешните сигнали кои ги регулираат виталните функции во нашето тело, како глад, жед, телесна температура и пулс.

Иако не обрнуваме внимание, станува збор за исклучително важно чувство бидејќи гарантира дека секој систем во телото работи оптимално. Тоа го прави така што нè предупредува кога нашето тело може да не е во рамнотежа, на пример, нè тера да посегнеме по пијалак кога чувствуваме жед или да ни каже да го соблечеме џемперот кога ни е топло.

Интероцепцијата е важна и за нашето ментално здравје затоа што придонесува за многу психолошки процеси - вклучувајќи донесување одлуки, социјална способност и емоционална благосостојба.

Нарушена интероцепција е забележана во многу состојби кај менталното здравје, вклучувајќи депресија, анксиозност и нарушувања во исхраната. Исто така, може да објасни зошто многу ментални здравствени состојби имаат слични симптоми, како нарушен сон или замор.

И покрај значењето на интероцепцијата за сите аспекти на нашето здравје, малку е познато дали мажите и жените се разликуваат во тоа колку точно ги чувствуваат внатрешните сигнали на своето тело.

Досега студиите што истражувале дали цисродовите мажи и жени (личност чиј родов идентитет се усогласува со нивниот биолошки пол) различно ги чувствуваат и интерпретираат интероцептивните сигнали од нивното срце, бели дробови и стомак, покажаа мешани резултати. Откривањето дали постојат разлики е важно бидејќи може да го подобри нашето разбирање за разликите во менталното и физичкото здравје.

За да се добие појасна слика, авторите на истражувањето ги комбинирале податоците од 93 студии кои ја разгледувале интероцепцијата кај мажите и жените. Авторите се фокусирале на студии кои гледале како луѓето ги перципираат сигналите на срцето, белите дробови и стомачните сигнали за низа различни задачи.

На пример, во некои студии учесниците ги броеле отчукувањата на срцето, додека други барале од учесниците да утврдат дали трепкало светло кога нивниот стомак се стеснувал или тестирале дали можат да забележат разлика во нивниот здив додека дишат во уред што го отежнува дишењето.

Анализата покажала дека интероцепцијата всушност се разликува помеѓу мажите и жените. Жените биле значително помалку прецизни во задачите фоксуирани на срцето во споредба со мажите. Се чини дека овие разлики не се објаснети со други фактори, на пример, колку учесниците се труделе за време на задачата, или физиолошки разлики, како што се телесната тежина или крвниот притисок.

Иако биле откриени значителни разлики помеѓу задачите за отчукување на срцето, резултатите за другите задачи биле помалку јасни. Ова може да е така затоа што само мал дел од студиите ја разгледале перцепцијата на белите дробови и желудникот. Можеби е премногу рано да се каже дали мажите и жените се разликуваат во нивната перцепција за овие сигнали.

Наодите може да бидат важни за да им помогнат на научниците да разберат зошто многу вообичаени состојби на менталното здравје (како анксиозност и депресија) се поприсутни кај жените отколку кај мажите од пубертетот па понатаму во животот.

Предложени се неколку теории за да се објасни ова, генетика, хормони, личноста и изложеноста на стрес или неволји во детството.

Но, бидејќи знаеме дека интероцепцијата е важна за благосостојбата, можно е разликите во интероцепцијата делумно да објаснат зошто повеќе жени страдаат од анксиозност и депресија отколку мажите.

Тоа е така затоа што тешкотиите со интероцепцијата може да влијаат врз многу области, вклучително и емоционалната, социјалната и когнитивната функција, кои се познати ризик-фактори за многу состојби на менталното здравје. Познавањето на разликите во тоа како мажите и жените ги чувствуваат интероцептивните сигнали, исто така, може да биде важно за лекување ментална болест.

Додека новите студии посочуваат дека подобрувањето на интероцепцијата го подобрува менталното здравје, студиите исто така покажуваат дека мажите можат да користат интероцептивни сигнали - на пример од нивното срце - повеќе од жените кога ги обработуваат своите емоции.

Пријавени се и други разлики, при што студиите посочуваат дека жените посветуваат повеќе внимание на интероцептивните сигнали отколку мажите.

Но, иако знаеме дека овие разлики постојат, сè уште не знаеме што ги предизвикува. Истражувачите имаат неколку теории, вклучувајќи ги и различните физиолошки и хормонални промени што ги доживуваат повеќето мажи и жени. Тоа може да биде предизвикано и од разликите во тоа колку мажи и жени се научени да размислуваат за своите емоции или интероцептивни сигнали, како болката.

Подоброто разбирање на сите фактори што влијаат врз интероцептивната способност може да биде важно за еден ден да се развијат подобри третмани за многу состојби на менталното здравје.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука