X
 28.02.2023 Наука

„Замор од емпатија“ - феномен кога луѓето ја губат способноста за сочувство поради лошите вести

Првата вест за конфликтот во Украина беше страшна, но 100. вест веќе не толку многу. Станува збор за феномен наречен „замор од емпатија“, кога луѓето ја потиснуваат емпатијата и тоа може да биде опасно, објаснува истражување спроведено во САД.

Феноменот познат како замор од емпатија резултира со губење на способноста да сочувствуваме, реагираме и да им помагаме на оние на кои им е потребна помош.

Бред Бушман, психолог на Државниот универзитет во Охајо, САД, направил експерименти кои илустрирале како насилството во формати на дигитални медиуми, како што се видеоигрите и филмовите, може да ги десензибилизира луѓето на страдање или насилство во реалниот живот.

Во едно истражување 320 студенти играле насилна или ненасилна видеоигра во период од 20 минути. По завршувањето на играта учесниците добиле инструкции да одговорат на прашалник, но за тоа време слушнале дека избила тепачка надвор во ходникот.

- Всушност, тоа беше видео на кое се тепаа професионални актери, а еден од нашите помошници шутна корпа за отпадоци пред собата и почна да вика - објаснува Бушман.

Потоа било измерено колку време им било потребно на учесниците да му помогнат на човекот што викал. На оние што играле ненасилна игра во просек им биле потребни 16 секунди, додека на оние што играле насилна игра, 73 секунди.

Бушман вели дека оние што играле насилна видеоигра пријавиле дека тепачката била помалку сериозна од оние што играле ненасилна.

- Последицата од гледањето насилни слики е тоа што станувате вкочанети и мислите дека насилството не е толку страшна работа. Последиците во реалниот свет се дека помала е веројатноста да му помогнете на некој што е малтретиран - вели Бушман.

Според него, основниот психолошки механизам зад заморот од сочувство е десензибилизацијата.

- Тоа е еден вид филтрирање на емоции или внимание што ги штити луѓето за кај нив страдањето да не е премногу стресно. Ако ги измерите реакциите на срцето и мозокот на сликите на насилство, ќе видите дека се придушени кај луѓето кои штотуку играле насилна видеоигра - вели тој.

Но, десензибилизацијата кон насилството може да биде важна стратегија за приспособување на луѓето чија работа вклучува честа изложеност на трауматични настани, како војниците, хуманитарните работници и лекарите.

Проблемот настанува кога оваа десензибилизација се открива кај општата популација.

- Таа адаптација е еден од механизмите што предизвикуваат понатамошна агресија и насилство во општеството - вели истражувачот, додавајќи дека овој умор е привремен и дека сочувството може да се врати со текот на времето.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука