X
 05.07.2025 Култура

Овие најпопуларни серии на почеток беа одбиени, а подоцна го освоија светот

Одлуката дали некоја телевизиска мрежа ќе одобри или нема да одобри нова серија зависи од многу фактори. Од типот на ликови и темите што се обработуваат, преку балансирање помеѓу провокативно и навредливо, до желбата да се следат трендовите, но и да не се повтори нешто што веќе е на репертоарот, сè мора внимателно да биде проценето. Дури и ако серијата има уникатен концепт, никогаш не може со сигурност да се знае дали ќе стане хит.

Но, откако ќе ги погледнете овие неверојатни серии, тешко е да не се запрашате што размислувале сопствениците на мрежите кога ги одбиле. Некои од нив подоцна станаа едни од најдобрите серии на сите времиња, добија огромно признание и донесоа милионски приходи.

1. „Игра со лигни“ (2021)

 

Креаторот на серијата „Игра со лигни“, Хванг Донг-хјук, го напишал сценариото уште во 2008 година, првично замислено како филм. Првата верзија ја завршил во 2009 година. Писателот и режисер поминал речиси шест месеци пишувајќи ги само првите две епизоди, но филмските студија го одбивале проектот цели десет години. Хванг наводно бил во многу тешка финансиска состојба и живеел со мајка си и баба си. Поради финансиските проблеми, морал да го прекине пишувањето и дури го продал својот лаптоп, што можеби објаснува зошто темата за парите е толку силно присутна во серијата.

Во 2021 година серијата стана број 1 во дури 90 земји и ја понесе титулата најгледана серија во историјата на „Нетфликс“.

2. „Дамски гамбит“ (2020)

 

На кокреаторот и продуцент Алан Скот му биле потребни цели 30 години за оваа серија да стигне до продукција. Тој ги откупил телевизиските и филмските права на истоимениот роман за шах уште кон крајот на 80-тите години, а потоа ја преработувал приказната девет пати и се обратил до многу студија. Планираната филмска верзија наводно била прекината по трагичната смрт на Хит Леџер, кој требало да биде режисер. Потоа телевизиските мрежи ја одбивале серијата верувајќи дека „досадна“ тема како шахот нема да привлече публика.

Во првите 28 дена од објавувањето на „Нетфликс“ серијата го сруши рекордот за најгледана мини-серија, со над 62 милиони профили кои гледале барем дел од една епизода.

3. „Сопранови“ (1999–2007)

 

Тешко е денес да се замисли серијата „Сопранови“ на некоја друга мрежа освен Ејч-би-о, имајќи предвид дека токму таа серија го прослави Ејч-би-о на светско ниво. Но, сценаристот и продуцент Дејвид Чејс првично ја понудил серијата на други мрежи, вклучувајќи ја и Си-би-ес. Интересно е што проблем не биле насилните сцени или експлицитниот јазик, туку фактот што главниот лик Тони оди на психотерапија. Тие сакале покласична мафијашка драма.

Ејч-би-о му даде на Чејс целосна креативна слобода, а серијата освои многу награди и целосно го смени телевизискиот пејзаж и вкусот на гледачите. 

Извор: bizlife.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура