X
 07.05.2025 Технологија

Концептот на офлајн клубови, каде што го исклучувате телефонот и стекнувате нови пријатели, станува сѐ попопуларен во Европа

„Гниење на мозокот“ како израз во 2024 година стана доста вознемирувачка информација. Колективно паднавме во стапицата на гледање мемиња и бесцелно „скролање“ на нашите телефони. Може да кажеме дека речиси нема некој од поновите генерации што не развил дигитална зависност, па дури и ги гледаме нашите мајки и татковци како ги поминуваат неделните попладниња гледајќи видеа на „Фејсбук“ или играјќи некоја мобилна игра. Ако генерациите што пораснаа без интернет се „заразија“ со еден куп забавни содржини во кутија наречена паметен телефон, каква иднина ја чека алфа генерацијата што не го познава животот без мобилен телефон?

Факт е дека општеството се соочува со дигитален замор, односно физичка и ментална исцрпеност поврзана со прекумерна изложеност на дигитални технологии. Социјалните мрежи даваат лажно чувство на поврзаност, додека виртуелните врски не можат да ги заменат врските во реалниот живот. Општеството има очајна потреба од дигитална детоксикација, а зрак надеж за следните генерации носи новиот концепт што полека почнува да се шири низ Европа - офлајн клубови.

Замислете средба со пријатели каде што си поставивте предизвик ниту еден од вас да не погледне во телефонот, туку да бидете присутни во секој момент и да обрнувате внимание еден на друг. Токму ова е концептот во офлајн клубот: за време на овие настани, учесниците ги ставаат своите телефони во метални кутии, кои ги земаат по два часа. Вечерта е поделена на два дела - во првиот час гостите имаат приватен час каде што можат да се вклучат во разни активности како што се сликање, читање и пишување, за да ја стимулираат својата креативност. Потоа доаѓа делот за разговор, каде што учесниците се поканети да се дружат за да запознаат нови луѓе кои бараат вистински и цврсти врски.

Офлајн клубот бил лансиран минатата година во Амстердам и откако доживеал огромен успех, се проширил и во други европски метрополи, вклучувајќи ги Париз, Лондон, Барселона, Берлин и Милано. Овие настани собираат од 50 до 300 луѓе, а местото на состанокот може да биде кафуле, музеј или дури и црква. Вечерите во офлајн клубовите често се распродадени, што покажува дека младите луѓе имаат желба да се исклучат од дигиталниот свет кој станал дел од нивниот идентитет.


За оние што сакаат да продолжат со својата дигитална детоксикација, официјалната страница на „Офлајн клуб“ нуди одмори без екрани во Франција и во Холандија. Овие одмори вклучуваат престој од 2 до 5 дена во селска куќа, заедно со дваесетина странци, за повторно да го пронајдат својот мир, да поминат време без технологија и да склучат прекрасни пријателства без мобилни телефони и социјални медиуми како главни посредници.

@theofflineclub.uk no phones, no distractions, people actually connecting. at @unplug.uk 60 people swapped screen time for real time. catching up with friends or making new ones. in a phone-free zone @mettricks coming to a venue near you, soon :) #unplug #unplugged #digitaldetox #slowliving #slowlife #london #socialmediadetox #reading #boardgamesofinstagram #selfcare #screenfree #phonefree #thingstodoinlondon #reducescreentime #mindfulness #friends #community #cinematography #summer #fyp #videography #cinematic #summervibes #nostalgia #mood #explore ♬ original sound - The Offline Club

Извор: telegram.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија