X
 07.07.2019 Наука

Кои се професионалните НАСА-душкала?

Кога еднаш ќе летнат во вселената, и покрај прилично тесниот простор за живеење, астронаутите се соочуваат и со воздух што циркулира и различни мириси, кои освен што можат да бидат непријатни, можат и да бидат доста токсични.

Бидејќи во вселената е невозможно да се отвори прозорецот и да се исполни просторијата со свеж воздух, пред да се најдат во кабината и да бидат лансирани некои предмети поминуваат низ потребната проверка на мирис за која е задолжен цел тим на професионални душкала.

Меѓу нив е и познатиот Џорџ Олдрич, кој во 45-годишната кариера ја тестирал токсичноста на повеќе од 900 предмети, со што далеку ги надминал рекордите на неговите претходници.

Иако никогаш не студирал хемија, носот на Џорџ непогрешливо ги разликува потенцијално токсичните мириси од безопасните.

За оваа цел често се користат кучиња. Но, иако е познато дека имаат многу подобро сетило за мирис од луѓето, како што наведува Алдриќ, кучето никогаш не може да каже како точно мириса нешто. Од друга страна, таканаречените електронски носеви, создадени за оваа намена, многу лесно ја препознаваат присутноста на одредени хемикалии. Сепак, Алдриќ вели дека не знаете какво чувство предизвикува нивното вдишување во носот и грлото. Така, Русите на пример, во 70-тите години морале да ја суспендираат вселенската мисија и да ги вратат астронаутите на Земјата поради непријатен мирис во кабината.

За да спречи вакви пропусти, НАСА ги вработува токму овие луѓе за да тестираат, а самата постапка има неколку фази.

За да се добие гас за вдишување, предметот што треба да се лансира најпрво се става во стаклена сушница, се загрева на 49 Целзиусови степени во период од 72 часа, а потоа се лади. Потоа се извршува детален лекарски преглед на носот и на грлото на пет лица избрани за овој тест, за да се утврди дека вдишувањето нема да предизвика каква било штета.

Кога ќе се заклучи дека се подготвени, волонтерите влегуваат во просторија каде што споменатиот гас го вдишуваат во три различни ситуации. Потоа нивната задача е на скала од нула до четири да го оценат мирисот што го почувствувале. За секој материјал што е оценет над 2,5 се смета дека не го поминал тестот.

Но, како што вели Алдриќ, дури и тогаш, ако е нешто многу важно, веројатно ќе биде лансирано во вселената.

Кога тестирањето ќе заврши, медицинската сестра по три часа повторно ги испитува членовите на тимот за да се осигури дека не настанале никакви несакани последици.

Алдриќ сега е пред пензија, но одлично се сеќава дека правел и повеќе од три теста во еден месец. Но, денес неговата работа значително се променила. Сега неговиот тим работи исклучиво на откривање отровни состојки во средствата како пена за бричење или гел за туширање, а неговото учество е далеку помало од порано. Тој денес, благодарение на развојот на нови методи, речиси и не го користи својот нос. Сепак, и понатаму смета дека неговиот нос е едно од најсигурните средства на НАСА и вели дека ќе биде подготвен дури и кога ќе се пензионира.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука