X
 07.11.2022 Технологија

Покривни генератори што создаваат 50 отсто повеќе енергија од соларните панели

Во комбинација со постојните соларни системи, оваа иновативна покривна технологија може да задоволи и 100 отсто од енергетските потреби на зградите.

Компанијата „Еромин технолоџис“ го претстави новиот систем на ветрогенератори кој се состои од повеќе фиксни, тивки единици со аеродинамичен дизајн, кои се поставуваат на покривот на зградата во правец на доминантниот ветар и го зајакнуваат протокот на ветерот на сличен начин како и тркачките автомобили.

Секоја единица е дизајнирана да испорача 5 kW сила, која не се намалува со текот на времето, а тимот тврди дека неговата иновативна технологија, кога ќе се искомбинира со постојните опции за соларна енергија, може да генерира 100 отсто од енергетските потреби на зградата.



Решението на оваа компанија е во предност во однос на моменталните опции кои исто така подразбираат инсталација на покривите - како соларните панели и постарите модели на ветротурбини. Меѓутоа, сите тие имаат голем јаглероден отпечаток и релативно краток животен век.

Од компанијата појаснуваат дека една единица обезбедува иста количина енергија како 16 соларни панели и генерира до 50 отсто повеќе енергија од споредливите соларни решенија.

Системот работи и во најекстремните временски услови, создавајќи енергија кога енергетските потреби се најголеми.

Исто така, системот е едноставен за инсталација, што го прави исплатливо решение за обновлива енергија на самото место, а притоа и штеди простор.



Технологијата е дизајнирана за инсталација на згради со големи рамни покриви, како што се магацини, дистрибутивни центри, производни објекти итн.

Производителот наведува дека овие ветрогенератори може да се користат и на деловни и на станбени објекти, што секако не е проблем доколку не ви пречи естетиката. Имено, генераторите стрчат како оџаци и немаат некој преубав дизајн, што може да е пречка за поширока примена во архитектурата, но ова е прва верзија на генераторите, па веруваме дека производителот во иднина ќе поработи на тоа прашање.

Извор: gradnja.rs
Фотографии: Aeromine Technologies
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија