Поради притисокот од скандалите и истрагите, во најголемата социјална мрежа „Фејсбук“ повторно се размислува да се воведе плаќање за користење на нејзините платформи. Во текот на изминатите неколку недели компанијата спроведе истражување на пазарот за да утврди дали корисниците би плаќале претплата за да имаат пристап до „Фејсбук“ без огласи.
Ова не е првпат во најголемата социјална мрежа на светот да се разгледува ваква опција, но претходно не беше под притисок како сега, поради скандалот поврзан со „Кембриџ аналитика“ и заштитата на податоците на корисниците.
Неименувани извори блиски до „Фејсбук“ истакнаа дека плановите за воведување претплата засега не се конкретни и можно е да не се реализираат. Сепак, сведочејќи пред претставниците на американскиот Конгрес, Марк Закерберг истакна дека секогаш ќе постои бесплатно издание на мрежата, што навестува дека тој барем размислува за модел чие користење би се плаќало.
Фото: Tportal
Минатата година „Фејсбук“ оствари приходи од 41 милијарда долари само од продажба на целни огласи создадени со помош на собирање податоци за корисниците. Претходните истражувања покажуваа дека корисниците не реагирале добро на воведувањето претплата за „
Фејсбук“, но се чини дека во компанијата мислат дека корисниците можеби го промениле мислењето.