X
 08.06.2018 Живот

Дали социјалните медиуми се штетни за вашето сеќавање?

Да се каже дека социјалните медиуми и паметните телефони ги уништуваат умовите на една генерација е клише. Тоа се само мали машини што нѐ поврзуваат и ни овозможуваат да ги снимиме нашите искуства за да можеме да ги споделиме со пријателите. Но, една нова студија укажува дека дури и споделувањето фотографија е доволно за да го искриви вашето сеќавање на настанот. Но, дали тоа е вина на социјалните медиуми?

Студијата е предводена од Дијана Тамир од Универзитетот „Принстон“, а целта на студијата е да се тестира како споделувањето искуства на социјалните медиуми или на други места би влијаело врз сеќавањата на луѓето за тие искуства. Во два различни експеримента Тамир и нејзиниот тим побарале од учесниците да се вклучат во активност и да ја снимаат или едноставно само да уживаат во неа.

Учесниците во првиот експеримент гледале видео на интернет. За тој експеримент истражувачите им дале на учесниците една од неколку инструкции: да го гледаат видеото без да прават нешто, да размислуваат за видеото додека го гледаат, да ги запишуваат своите мисли за видеото додека го гледаат (на тие луѓе им било кажано дека нивните белешки или ќе бидат избришани, ќе им бидат вратени или ќе бидат споделени со други) или да пишуваат за ирелевантни нешта околу нив додека гледаат.

За вториот експеримент, од учесниците било побарано да одат на прошетка во црква на кампусот. Од некои било побарано едноставно само да одат, некои да фотографираат без да ги споделуваат фотографиите, а некои требало да фотографираат со намера да ги споделат фотографиите на „Фејсбук“. Излегло дека намерата да им се каже на другите луѓе бил еден од најлошите начини да се осигури дека настанот ќе остане во нивните мозоци.

Споредено со оние што само се навраќале на нивните искуства, луѓето кои го снимале настанот имале за 10 отсто полоши резултати кога од нив било побарано да се присетат на детали од нивното искуство една недела подоцна. Но, интересно е што истиот пад во перформансите се појавил без разлика на тоа дали тие ги споделувале тие искуства. Всушност, репродукцијата на искуството ги спласнува спомените.

Тоа потекнува од теоријата на трансактивна меморија, која опишува како ние ги делиме податоците меѓу внатрешната меморија (нашите мозоци) и надворешната меморија (сѐ друго, од нотеси до „Фејсбук“ и мозоци на други луѓе).

На пример, друга студија утврдила дека кога на информацијата може да се навратиме со едноставно притискање на копче, нашите мозоци имаат тенденција да го занемарат меморирањето на информацијата и наместо тоа, се потпираат на процесот на притискање копче. Опасноста е што надворешната меморија е доверлива колку што е пристаплива.

Без разлика дали споделувате сѐ, можеби советот од оваа студија е дека ако сакате да имате целосно, богато искуство, треба да се фокусирате на искусувањето, а не на меморирањето. Но, додека тоа може да важи за спомените, не мора да значи дека важи и за самото искуство. Со студијата било утврдено и дека без разлика што било побарано од учесниците да го снимаат нивниот ден, сите истакнале дека уживале во прилично иста мера. Ако тоа е вистина, тогаш можеби и не е толку лошо да продолжите да ги споделувате вашите искуства, сѐ додека не ви пречи тоа што ќе морате да погледнете во фотографија за да си освежите некое сеќавање. Но, ако некогаш сте на место на кое би сакале да се сеќавате секогаш кога ќе ги затворите очите, веројатно е паметно да си го оставите телефонот дома.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот