X
 08.08.2025 Наука

Научници се обидуваат да создадат вештачка крв - крвните зрнца ќе бидат во прав што ќе се раствора во вода

Секоја година огромен број луѓе умираат од крвавење пред да стигнат до болница. Ова е така затоа што амбулантните коли, медицинските хеликоптери и воените болничари не можат да носат крв со себе, бидејќи таа би се расипала премногу брзо без соодветно ладење.

Затоа, научниците се обидуваат да развијат вештачка крв што би можела да се чува во форма на прав и да се реконституира на самото место од страна на лекарите за да спаси животи. Тим од Медицинскиот факултет на Универзитетот „Мериленд“ во Балтимор, САД, прави синтетичка крв од хемоглобин, протеин што носи кислород до телото.


Истражувачите го извлекуваат хемоглобинот од крвта и го затвораат протеинот во меур од маснотии, во суштина создавајќи вештачки црвени крвни зрнца. Заштитниот меур е иновација што би можела да ги реши безбедносните проблеми предизвикани од други обиди за производство на синтетичка крв.

Потоа, научниците ги замрзнуваат вештачките црвени крвни зрнца во прав што може да остане употреблив додека не се случи итна состојба. Се меша со вода и за неколку минути крвта е достапна.

Покрај нејзината употреба во итна медицина, воените лекари би можеле да ја користат вештачката крв и за да спасат ранети војници. Крвавењето е водечка причина за смрт кај војниците што може да се спречи.

Вештачките крвни клетки, наречени „еритромер“, ги развива компанијата „Кало сајт“. Тие моментално се тестираат на животни. Тестовите врз луѓе би можеле да започнат во рок од две години. Јапонски тим веќе тестира слична синтетичка крв врз луѓе.

Извор: mreza.bug.hr
Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука