X
 08.10.2019 Култура

Дали филмот „Џокер“ го воздигнува насилството или го насочува вниманието на посериозни проблеми?

Најновиот филм за најголемиот непријател на суперхеројот Бетмен со секое прикажување предизвикува сè повеќе негативни коментари.

Додека некои велат дека во медиумите нема доволно слобода, други тврдат дека борците против „подивената политичка коректност“ претеруваат и дека забраните ретко се случуваат. Социјалните мрежи се преполни со критики, но тоа е сосема очекувано со оглед на природата на платформата што им дава глас на луѓето кои до неодамна го немале. На крај, сте создале нешто и тоа сте го пуштиле во јавноста. Сосема е разбирливо дека јавноста ќе реагира, но бидете подготвени дека тоа што сте го создале, нема да им се допадне на сите.

За тоа е свесен и режисерот на „Џокер“, Тод Филипс, кој е критикуван откако дел од публиката заклучи дека насилството во неговите филмови може да предизвика поединци истото да го направат во реалниот свет.

Режисерот одговори на критиките велејќи дека ова се случува затоа што згрозеноста стана производ и тоа веќе некое време. Она што особено се истакнува во овој дискурс е тоа колку екстремната левица може да звучи како екстремната десница кога тоа ѝ одговара на нејзината агенда.

- Ова искуство ми ги отвори очите - рече тој.

Филипс е шокиран затоа што неговиот филм не се користи како повод за почеток на дискусија за комплексни теми.

film
Фото: Getty Images


- Изненаден сум. Нели е добро да ги имаме овие дискусии? Нели е добро да се дискутира за филмовите и насилството? Зошто е лошо ако филмот доведе до дискусија? - прашува тој.

Уште кога беше прикажан филмот на Венецијанскиот фестивал, каде што добил одлични критики, многу медиуми се насочија на проблематичниот пристап на Артур Флек и неговата трансформација во масовен убиец. Имено, многумина сметаат дека авторите му пристапија со премногу симпатија и дека тоа може да ги наведе гледачите да го направат истото.

Сепак, филмот полека соборува рекорди. „Џокер“ заработи 93,5 милиони долари од продажба на карти на 4.474 места во Северна Америка по премиерата во текот на минатиот викенд, со што е соборен октомврискиот рекорд на благајните.

Претходно, филмот „Веном“ го држеше рекордот откако заработи 80 милиони долари.

Во други делови од светот „Џокер“ има заработено 140,5 милиони долари, што значи дека досега заработил 235 милиони долари од цел свет.

Се чини дека режисерот и студиото што стојат зад „Џокер“ имаат причина да се радуваат бидејќи публиката беше заинтересирана за филмот и покрај насилната тематика во филмот што доведе до зголемена безбедност во близина на кината и забрана за носење костими при гледањето на филмот.

Но, за многумина темата во филмот е премногу мрачна.

- Само што го догледав „Џокер“. Беше премногу страшно со оглед на сето тоа што се случува околу нас, мислам дека филмот ги велича оружјето и менталните проблеми - напишал еден корисник на „Твитер“.

- Никогаш не сум излегол од киносала, но за малку ќе го направев тоа во текот на филмот „Џокер“ - напишал друг.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура