X
 08.10.2023 Живот

Работниците во овие земји се изложени на најголем ризик од нарушување на менталното здравје

Вработените во Азија се под значителен стрес и се изложени на ризик од нарушување на менталното здравје, при што 82 отсто се со умерен до висок ризик од развој на проблеми со менталното здравје.

Ова го покажува најновиот извештај на брокерите за осигурување „Аон“ и „Телус хелт“, кој покажа дека 35 отсто од работниците во Азија имаат висок ризик од нарушување на менталното здравје.

Истражувањето, кое било спроведено во ноември 2022 година меѓу 13.000 работници на 12 локации во Азија, исто така, покажа дека 51 отсто од работниците се почувствителни на стрес во споредба со 2021 година.

- Иако на пандемијата ѝ дојде крајот во 2022 година, работниците во Азија беа изложени на многубројни стресни фактори, како економска несигурност, предизвици со трошоците за живот, зголемени трошоци за здравствена заштита, влијанија од климатските промени и геополитичка нестабилност - изјави Џејми Мекленан, виш потпретседател и генерален менаџер за Азија Пацифик во „Телус Хелт“.

Менталните и емоционалните проблеми, вклучително и депресијата и анксиозноста, се распространети меѓу вработените на сите нивоа и во секоја индустрија и локација во Азија, пишува во извештајот.

Азија е под значително зголемен ризик од ниска работна продуктивност, анксиозност и депресија во споредба со другите делови на светот, што ја истакнува загриженоста за благосостојбата на работното место.

На пример, Азија има резултат на продуктивност од 47,2 од вкупно 100, во споредба со 66,7 за САД и 60,1 за Европа.

- Овие бројки се водени од голем број фактори, почнувајќи од фактот дека Азија традиционално има многу повисоко ниво на стигма поврзана со менталното здравје - објаснува Мекленан.

Повеќе од половина од испитаниците рекле дека се загрижени поради тоа што нивните можности за развој на кариерата се ограничени поради проблеми со менталното здравје за кои е свесен нивниот работодавец.

Извештајот откри и дека 45 отсто од вработените во Азија веруваат дека нивното ментално здравје има влијание врз нивната продуктивност, нешто што треба да ги загрижи работодавците.

Извор: Biznis.telegraf.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот