X
 08.11.2020 Живот

Преку кои гени се шири инфекција од SARS-CoV-2, колку боли празната училница, матични лекари лекуваат од Ковид-19 без преглед... Што пишувавме неделава?

Матични лекари им препишуваат антибиотици на пациентите со симптоми на Ковид-19 без ниту еднаш да ги прегледаат, матурантите ќе можат да изберат проектна задача во форма на реален личен проект, творба или настан, младиот научник д-р Жарко Данилоски истражува на полето на генетиката и геномиката и предводеше истражувачки тим кој откри преку кои гени се шири инфекцијата со SARS-CoV-2. Интервјуа со скопскиот бенд Pluto’s Doubts, со визуелниот уметник Лазе Трипков, со новата директорка на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска. Ова се дел од темите што ги истражувавме неделава.

Елизабета Секирарска

„Корона-форматот на наставата - што се бара од учениците? Што се бара од нас?“ е насловот на редовната колумна на Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште. Што значи оценката денес? Зошто сметам дека секогаш, но особено сега, во вакви услови во кои вонредието на сите ни е начин на живот, оценката не треба да биде приоритет? Како не успеавме да издефинираме, ниту по толку месеци животен хорор (не дека тоа не го знаеме како наставници, но не успеваме и како наставници, а ниту како надлежни, да излеземе од стапицата дека е најважно да имаме оценка) дека за децата сега е најважно да им обезбедиме „конекција“ со нас во вистинската, педагошка смисла поради која ќе бидат со нас без вообичаениот баласт на клишето на кое се навикнати и во кое го поминуваат најубавиот дел од својот живот? Колумната прочитајте ја тука.

Владимир Метвеев

Објавивме уште една колумна, од Владимир Матвеев, студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Тој објаснува како 5Г-технологијата не може да влијае врз нашата ДНК поради тоа што таа е „нискофреквентна, со недоволно енергија за да може да влијае“. Со самиот развој на технологијата и науката секојдневно сè повеќе сме изложени на зрачење без кое не може да се функционира. Развојот на мрежи почнува од 1Г, 2Г, 3Г и се развиваат за сè поголема и поефикасна работа, но и поголема безбедност за животот на луѓето.



Некои матични лекари им препишуваат антибиотици на пациентите со симптоми на Ковид-19 без ниту еднаш да ги прегледаат, а наспроти тоа има доктори што секојдневно во своите ординации прегледуваат пациенти и ги лекуваат само за да не им се влоши состојбата и да не стигнат до болница или клиника. Го пренесуваме искуството на А. С., чиј прв тест за коронавирус бил негативен, а вториот покажал дека е позитивен. Според неговото искуство, има матични доктори што лекуваат пациенти „на далечина“.

Pluto's Doubts

Во период кога музичката дејност е на стенд-бај и голем дел од артистите се во неизвесност околу враќањето на нормалниот тек на функционирање, бендот Pluto’s Doubts продолжува да работи со полна пареа, надградувајќи го богатото резиме што го стекна изминативе пет години. Популарните „плутоси“ веќе имаат оставено значаен печат на македонската музичка сцена. Со нивното појавување во 2015 година внесоа еден нов, свеж и уникатен звук и заедно со неколку други млади бендови само потврдија дека иднината на македонскиот рокенрол е во сигурни раце.



Оваа учебна година, освен досегашните модели на проектни задачи, матурантите ќе можат да изберат проектна задача во форма на реален личен проект, творба или настан. Ова е новина која ја најави Министерството за образование и наука (МОН), а согласно која матурантите во рамките на полагањето државна матура ќе можат да сработат нешто што е во нивен домен, нешто што сакаат да го прават, а крајната цел е да бидат креативни и критични, активни и да направат нешто корисно за заедницата, како и да го прикажат својот младински активизам.

Жарко Данилоски

Младиот научник Жарко Данилоски откри преку кои гени се шири инфекција од SARS-CoV-2. Истражува на полето на генетиката и геномиката, а предизвик му е да совлада специфична технологија за проучување генски болести. Појавата на новиот вирус SARS-CoV-2 ги пренасочила неговите моментни научни интереси и сето досегашно искуство го употребил во истражувањето на новиот вирус. Токму овие истражувања деновиве беа објавени во престижното научно списание Cell („Клетка“). Данилоски (30) пораснал во Кичево, а средното училиште го завршил во Македонија. Дипломирал на Универзитетот „Јакобс“ во Бремен, Германија, на насоката Молекуларна и клеточна миологија, а магистрирал и докторирал на Медицинскиот центар при Универзитетот „Њујорк“ во Соединетите Американски Држави. Во моментот е доцент на катедрата по биологија на овој универзитет.

Лазе Трипков / Фото: Боро Рудиќ

Визуелниот уметник Лазе Трипков е добитник на наградата „Златна пчела“ за неговиот плакат „Баухаус 100“ во Москва, Русија. Станува збор за голема интернационална кампања посветена на движењето „Баухаус“, уметничка школа и посебен правец во архитектурата, основана пред 100 години, која и денес влијае врз обликувањето на нашата околина. Трипков беше единствен претставник од Македонија, а наградата ја добија и познатите дизајнери Олег Коритов од Русија и Кристоф Стетлер од Швајцарија.



„Не ме боли празната училница колку што ме боли отсуството на силата што ја имаат децата кога се заедно“. Оваа реченица ја отсликува состојбата на наставниците во пандемија. Што им недостига на оние кои веќе еден месец секој ден одат на училиште, влегуваат во празна училница и своето знаење го пренесуваат гледајќи во монитор? Како ли им е кога поминуваат низ пустите ходници без детска врева и кога влегуваат во просторијата со празни клупи и столчиња, во која на ѕидовите висат делата што некогаш заеднички и со љубов ги создавале со децата на часовите? Овие прашања им ги поставивме на професори по одделенска настава и на професори во средно образование. Нивните искрени и емотивни одговори не оставаат простор за рамнодушност.



Пациентите реагираат: Смее ли стоматологот да наплати и за скафандерот и визирот што ги носи? Граѓани се жалат дека освен што треба да платат за интервенција на забите, треба да ја доплатат и заштитната опрема за Ковид-19 што ја користат стоматолозите при работата и при лекувањето на пациентите. На социјалните мрежи споделуваат искуства дека биле изненадени кога им било соопштено дека треба да платат и за тоа што нивниот стоматолог, додека ја вршел стоматолошката интервенција, носел дополнителна заштитна опрема, како маска, ракавици, скафандер и штитник за очите и лицето, кои се препорачани како соодветна заштита од коронавирус за сите здравствени работници. Дали смета да ви наплатат, прочитајте тука.

Ана Петровска / Фото: Борче Поповски

Граѓаните и преку „месинџер“ ќе може да пријавуваат загадување, вели Ана Петровска, новата директорка на Државниот инспекторат за животна средина . Тие секако можат и телефонски да се јават, но за можат да постапат, неопходна им е пријава во пишана форма. Петровска доaѓа на раководната позиција на Државниот инспекторат за животна средина од Министерството за животна средина. Инспекторатот подолго има проблеми со недоволен број инспектори и опрема, а неодамна се запалија и просториите во кои беше сместен. Ана Петровска го презема Инспекторатот во време кога во јавноста постои мислење дека државните инспектори недоволно и ненавремено ги извршуваат своите задачи, дека најчесто нивната работа не придонесува за да се намали загадувањето.

Фото: Pixabay

Некаде десетина, некаде стотици евра – во кои европски земји е задолжително носењето маски и како се движат казните? Се чини дека маските станаа дел од нашето секојдневие, особено со оглед на тоа што се јавна и лична мерка за контрола на пандемијата. Нивната употреба е наменета како лична заштита за да се спречи инфекцијата и како контрола на изворот за да се ограничи преносот на вирусот во заедницата или во здравствената установа. Прочитајте во која земја колку чини казната ако не носите маска.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот