X
 26.01.2018 Образование

Наставниците поделени за најавените промени во основното образование

Едни наставници ги поздравуваат, а други ги критикуваат промените што се отворени за јавна дебата периодов. Се добива впечаток дека секој наставник по одреден предмет се труди да го заштити или подобри својот фонд на часови.



Поделени мислења за најавените предлог-измени во основното образование, тоа е сликата што се добива откако Министерството за образование и наука ги најави минатата недела. Едни ги поздравуваат, а други ги критикуваат промените што се отворени за јавна дебата периодов. Се добива впечаток дека секој наставник по одреден предмет се труди да го заштити или подобри својот фонд на часови.

Децата од најмала возраст треба да вежбаат

Наставник по англиски јазик од Велес објаснува зошто учениците треба да го изучуваат повеќе овој јазик на училиште. Според него, потребно е да се зголеми бројот на часовите по странски јазик.
- Малку се два часа во прво и во второ одделение, а од трето до деветто – по три часа. Со зголемувањето на фондот на часови ќе бидат изложени на јазикот повеќе и ќе го користат, а на колку помала возраст ќе бидат изложени, толку полесно ќе го научат. Речиси сите деца одат на курс, а тоа е дополнителен трошок за родителите. Не може секој да си го дозволи тоа – вели наставникот по англиски.
Наставници по физичко и здравствено образование ја поздравуваат новината за тандем-наставници во спроведувањето на оваа настава. Наставник по физичко од Кочани ни изјави дека во одделенска настава наставниците не се доволно стручни за да го држат овој предмет.
 - Затоа треба посебен наставник. Децата од најмала возраст мора да вежбаат. Половина од децата имаат деформитети. Затоа, предлагам физичко образование од најмали нозе. Моја колешка работи во тандем со наставник и одлично функционира – вели тој.

Вината да не се префрла само на одделенските наставници

Одделенска наставничка со долгогодишно искуство во скопско училиште, која во моментот има вторачиња, ги поздравува најавените промени. Таа вели дека досега наставата беше преобемна, децата во прво одделение имаа по пет часа, а после третиот час веќе немаат никаква концентрација. Со сите промени низ годините се напуштиле учебници што биле добри, а биле заменети со учебници полни со грешки.
- Не се согласувам со предлогот часот да трае 55 минути. Дали знаете што значи да занимавате 20 или 30 деца 15 минути со слободни активности?! И тоа четири пати во денот? Овој концепт е нефункционален за наставниците по англиски јазик затоа што тие се мобилни и по секој час менуваат одделение. Ми се допаѓа што предметите Природни науки и Општество ќе бидат споени во еден. Предлогот Музичко и Ликовно образование да се обединат во еден предмет – Уметност е малку дискутабилен. Освен тоа, мислам дека не треба да се намалува бројот на овие часови бидејќи на деца на оваа возраст неопходно им е креативното изразување – вели таа.
Покритички став кон промените има наставничката Наташа Тодоровска од Битола. Таа смета дека не е во ред вината да се префрла само на одделенските наставници и да им се одземаат часовите, кои потоа ќе им се доделуваат на предметните наставници.
- Се смета дека ние држиме само часови по математика и македонски јазик и ги заменуваме со физичко, музичко и ликовно. Излегува и дека ние предаваме само два предмета и никако и нив да ги научиме, бидејќи и колегите по македонски и по математика се жалат дека децата не се подготвени во предметна. Што ќе биде следно, да се укине одделенска и сите предмети од прво да си ги земат предметите наставници? – прашува таа.
Тодоровска смета дека треба да постои поголема почит меѓу колегите.



Наставничка по музичко образование ги поздравува промените, особено за децата од прво до трето одделение, и смета дека треба да бидеме потрпеливи за да се видат на дело.
- Дечињата од прво до трето одделение најмногу го почувствуваа товарот на „Кембриџ“, тешки ранци, часови како во повисоките одделенија. Нема потреба од избрзани реакции. Часовите по физичко, музичко секогаш ги држеле учителките и ако можат да држат математика, македонски, зошто не и овие предмети, како досега. Ако добро разбрав, станува збор за растоварување и на учениците и на наставниците, односно нова програма која учителките на свој креативен начин ќе можат да им ја доловат на учениците  – вели таа. Според неа, треба да се почека и да се види што ќе донесат и новите учебници и новите закони до 9 одделение.
- Во секој случај, мислам дека најмалите конечно првиот училиштен ден ќе тргнуваат со песна – вели наставничката по Музичко образование.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование