X
 09.09.2022 Наша тема

СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Александар Здравев (90) завршил Архитектонски факултет во Белград - Беше многу тешко, но затоа факултетот и студентите многу се ценеа

Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците

Александар Здравев е роден на 20 април 1932. Студирал до четврти семестар на Архитектонскиот факултет во Скопје, а преостанатите семестри ги продолжил во Белград и дипломата ја добил на Архитектонскиот факултет во Белград.

- Роден сум во Штип. Во маалото имав другар, помал од мене две години, кој учеше во Скопје во средно техничко школо, оддел архитектура. Почесто се видувавме. Повеќето од времето збореше за архитектура и учењето во Скопје. Со повеќегодишното дружење ми даде идеја да размислам да се запишам на Архитектонски факултет во Скопје. Тоа време бев при крај со средното гимназиско образование - се присетува нашиот соговорник Здравев.

Немаше литература

Запишувањето на факултет во тоа време било лесно.

- Кога се запишував на Архитектонскиот факултет, немаше никакви проблеми и услови. Потребно беше само да имаш диплома од завршено средно училиште. Ваквото запишување важеше на сите факултети во тоа време што постоеја во Скопје - вели Александар Здравев.



Студирањето на Архитектонскиот факултет беше навистина тешко, дополнува тој.

- Се соочивме со непознати предмети што никогаш не сум ги слушнал. На предавањата на тие предмети мораше да внимаваме и да фаќаме забелешки, кои подоцна ни користеа за положување на испитот. Немаше литература освен ако некој професор издадеше негови скрипти за неговиот предмет. Полагањето беше усно со прашања од професорот. За предметите што имавме вежби, требаше да се земе потпис од демонстраторот - споделува Здравев.
Во тоа време предавале македонски професори кои биле навистина коректни кон студентите, а другите професори што биле дојдени по партиска линија од Хрватска и од Србија не биле многу коректни кон студентите.

- На предметите на кои имаше задолжителни вежби немаше дипломирани асистенти по архитектура за да ни покажат како се проектира, но место нив, вежбите ги водеа демонстратори студенти, кои завршиле средно техничко школо, овластени од професорите. Тие ни даваа потпис на вежбите дека сме присуствувале. Со сите потписи од демонстраторите можевме да одиме на полагање на испитите. Колку можевме да научиме, покажува мојот наведен пример. Еден ден требаше да одам на испит за проектирање објекти. На професорот му го дадов проектот со потписот од демонстраторот, го гледаше, гледаше и наеднаш ми рече: „Ово не валја, радичеш нови проект идуче године“. Јас му се заблагодарив и му реков: „Нема да ме видите идната година“. Не сакав да губам година оти овој ми беше последен испит од втор семестар - раскажува нашиот соговорник.



Еден ден се отпишав од факултетот во Скопје и следниот се запишав во Белград

- Се спуштив долу во Деканатот и кажав дека сакам да се отпишам од факултетот и ги замолив да ми дадат потврда за положените испити дотогаш. Вечерта со воз заминав за Белград. Во возот размислував дали добро сум направил што заминав за Белград, дали донесов правила одлука. Сабајлето отидов на Архитектонски факултет во Белград. Во Деканатот им објаснив дека сакам да продолжам да студирам на нивниот факултет. Ми ги побараа документите, ги прегледаа и ми рекоа дека сѐ е во ред и од другиот ден можам да почнам со настава. Кога почнав со настава, сфатив дека не сум погрешил со мојата одлука што дојдов во Белград. Наставата многу се разликуваше од наставата на Архитектонскиот факултет во Скопје. Односот на професорите и асистентите што присуствуваа на вежбите беа на високо ниво: коректни и спремни во секој момент да ти помогнат. По завршувањето со испитите ми доделија ментор кај кого да ја бранам дипломската. Менторот ми беше професор по урбанизам, Добровиќ. Дипломската ми беше: Спортски центар. Првиот дел беше да направам урбанистички план на парцелата што ми е доделена со фудбалски стадион и придружните игралишта за кошарка, одбојка, патека за трчање... Вториот дел беше изработка на план за фудбалски стадион со дадени димензии. Прашањата од менторот и комисијата се задржаа повеќе на проектот стадион. Со аплауз ми ја прифатија дипломската и ми честитаа како иден колега - споделува Здравев.


Повеќето стипендисти беа од провинција

Многу студенти од другите факултети тогаш велеле да не се запишеш на Архитектонски факултет бидејќи бил многу тежок за студирање.

- Ова докажува дека студентите од Архитектонски факултет беа многу ценети, исто така беше ценет и самиот факултет. Запишувањето на факултет не се наплаќаше. Државата им помагаше со давање стипендии, се разбира ако побараш. Повеќе од стипендистите беа од провинција. Студентите ги имаа сите бенефиции што им беа потребни.
Кога станува збор за забава, во слободно време одевме на игранки, на корзо или спортувавме.



По дипломирањето секој студент можеше да се вработи, и тоа од кој било факултет и да доаѓа. По дипломирањето прва работа ми беше во проектантско биро во Штип. Бирото не беше големо и сите вработени беа со средно образование. По извесно време се зголеми високообразовниот кадар и бирото прерасна во поголема проектантска организација со име „Мега проект“. За време на мојот работен стаж имам проектирано многу индивидуални станбени згради. Многу колективни станбени згради, школи, Стопанска банка во Штип, зградата на Телекабел и многу други објекти. Останав на работа во оваа организација до моето пензионирање - завршува Александар Здравев.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема