X
 12.07.2018 Наша тема

Скокам од тротоари, едвај имам пристап до институции, ме креваат сосе количка за во автобус!

Боби Величков (70), кој живее во Ново Лисиче, Општина Аеродром, ни ја покажа суровата реалност на лицата во инвалидски колички и тешкотиите што ги има за да стигне од едно место до друго



Маките на Боби почнуваат уште на излезот од домот

Се движите на тротоар и одеднаш пред вас се испречува паркиран автомобил. Се нервирате, што е нормално, затоа што не му местото таму. Ќе го заобиколите, можеби ќе опцуете и ќе си заминете. Дали сте помислиле некогаш што треба да направи во таква ситуација лице во инвалидска количка? Размислува ли возачот на тој автомобил? А, размислуваат ли воопшто институциите и одговорните во општините во Скопје како овие луѓе се движат секојдневно и какви инфраструктурни услови имаат за тоа?

Факултети.мк посети една од најнаселените населби во главниот град, Општина Аеродром. Не ја избравме случајно. Таму живее Боби Величков, 70-годишен скопјанец кој повеќе од три децении е во инвалидска количка. Заедно прошетавме низ маалото и посведочивме на сите тешкотии со кои се соочува секој ден.

Не може сам ни сметки да плати во поштата

Со години тој учествува на Скопскиот маратон и на други трки во градот. „И јас имам право на живот“ е мотото на белата маичка што Боби ја носи на многу јавни настани. Тој е човек-борец, ама вели дека не може сам и очекува и други луѓе да се охрабрат и заеднички да се борат за да станат видливи во ова општество.

Непристапна пристапна рампа

Од влезот на неговата зграда во Ново Лисиче, преку тротоарите и паркинзите, до поштата каде што нема шанси да влезе за да заврши некаква обврска затоа што воопшто нема пристапна рампа, преку булеварот „Јане Сандански“ и до зградата на Општината. Таму има две пристапни рампи, од кои едната е речиси неупотреблива затоа што е опасна за животот на овие лица. Од Општината велат дека се свесни за проблемот и дека им е приоритет да го решат.
Боби живее на приземје. Неговата одисеја во движењето започнува уште на излезот од дворот. Бекатонот е целиот испокршен зашто со години таму непрописно поминуваат возила.

Качување и симнување по тротоари му е секојдневие

- Бекатонот е веќе испокршен и движењето е опасно. Со години барав во Општината да се затвори овој дел од тротоарот или да се стават подвижни столпчиња за итни ситуации. Ова се случува 20-ина години. Пајак двапати дојде, ама ништо. Никој не ги брка автомобилите. Пред две години повикав медиум. Наредниот ден градоначалникот веднаш ми се јави. Во мај реагирав во Општината, до октомври никој ништо не презеде. Кога во октомври од телевизија направија прилог и отидовме пред Општината, наредниот ден градоначалникот ми се јави и за една недела ставија рампи пред Општината. Ставија две. Гледам едната е пристапна, другата - не е. Пријавив дека не е во ред и еве уште не е сменета – вели Величков.

Боби речиси секој ден е физички активен и вози по 4-5 км. Вози по улици, булевари, поретко на тротоари, оти најчесто се зафатени со автомобили. На тротоарите ретко има соодветни косини.
- За 10 години на кеј на Вардар не сум сретнал лице во количка. Јас скокам со количката од тротоари. Опасно е, јас сум физички активен, секој ден по 5 км возам, ама има луѓе што не можат тоа да го прават и седат дома, така живеат. Немам пристап до основни институции – поштата нема рампа, полициската станица исто така. Со години не одам да гласам затоа што во школото „Лазо Ангеловски“ се гласаше на втор кат, па лани го симнаа на прв, а есенва ставија и пристапна рампа – вели маратонецот.


Величков вели дека има проблем и за превозот со автобус.
- За да влезам во автобус, некој треба да ме качи. Пристапните рампи на автобусите не сум видел да работат можеби три години. Јас сум слаб, 50 кг, ама сосе количка тежам, има луѓе што се многу поголеми, кој нив да ги крене. И дали ќе има некој да ги симне таму каде што ќе треба. Еднаш ми се случи шоферот да не сака да ми помогне да се симнам. Чекав 5 минути, беше петок, една пензионерка стана и дојде да ми помогне. Шоферите претежно ми помагаат, ама има и такви што не сакаат да соработуваат – вели тој.
Се јавивме во ЈСП да прашаме зошто не функционираат пристапните рампи во автобусите. Оттаму ни одговорија дека само кај 5 проценти од автобусите не функционира системот со пристапни рампи. Во последните три месци, според ЈСП, само две лица со инвалидска количка се возеле во нивен автобус.


Боби вози и по булевари. Додека се движевме со него, наидовме на автомобил паркиран на тротоарот. Боби извади мобилен да го слика, а момчето почна да објаснува дека имал нешто набрзина да заврши. Еден таксист се извини и се понуди да се препаркира.


Лицата со инвалидитет се затвораат дома

Величков живее активно, не сака да се затвори дома и постојано да се жали. Одењето на Водно е друга приказна.
- Патеката од жичницата до крстот е ископана. Можат да направат една бетонска патека, што нема да ја користат само лица со инвалидитет, ами и деца со колички или постари луѓе. Во една пригода специјални единици беа на вежба, па ми се понудија да ме кренат до горе, ама јас не прифатив помош. Патот од планинарскиот дом е прекинат кога е ставена инсталацијата за репетиторот. Секаде кај што можам, одам сам, каде што не можам, со мене доаѓа синот Славко. Ама, односот е многу деградирачки. Милиони се потрошија за крстот, за жичницата, не можат една патека да изградат? – вели Боби.

Иако треба да смени 4 автобуси, редовно оди на Водно

Веќе ми е страв да скокам. Оваа количка има понизок потпирач, па можам да се повредам. Тротоарите се високи.
- Луѓето во инвалидска количка генерално не излегуваат од дома, тие се изолираат и тоа е најстрашно. Користат комбе ако им треба за на лекар и седат дома. Не е решение постојано да се ангажираат лица од семејствата за да се движи некој, мора да се обезбедат елементарни услови за да можеме да се движиме самите – вели Величков.

Фото: Радован Вујовиќ
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема