X
 12.08.2017 Наука

Како да преживеете нуклеарна експлозија?

Во четвртокот американскиот претседател Трамп ја заостри реториката кон Северна Кореја, велејќи дека неговиот претходен говор не бил доволно остар. Тој вети дека американскиот одговор на корејските провокации ќе биде таков каков што светот никогаш не видел. Според експертите, Северна Кореја поседува оружје кое може да стигне до aмериканскиот западен брег. Северна Кореја внимателно го разгледува планот како со балистичките проектили „Хвасонг-12“, од среден до долг опсег, да ја погоди американската воена база на островот Гуам.

Заканите на Северна Кореја упатени до Америка за употреба на нуклеарно оружје не се новост, но поради тврдењето дека имаат ракети што можат да го стигнат копното на Америка, луѓето започнаа да гуглаат како да преживеат нуклеарен напад. Ова е многу покомплицирано отколку во 50-тите години од минатиот век. Во анализа објавена во 2014 година научникот Мајкл Дилон објаснува како да се минимизира изложеноста на радијација после детонација.

Како да преживеете радијација?


Ако ја преживеете експлозијата, одете до најблиското засолниште. Немаат сите куќи подруми, гаража или слично, односно градби кои ја редуцираат изложеноста на радијација, па многу луѓе ќе ги интересира прашањето колку долго може да останат во лошо засолниште пред да можат да се преселат во подобро, без ситуацијата да стане полоша?

Според математиката на Дилон, овој избор не е игра на среќа. Неговиот математички модел заклучува дека ако сте во лошо засолниште, а можете да стигнете до соодветно во рок од 5 минути, веднаш преместете се. Ако за тоа ви се потребни 15 минути, почекајте половина час после детонацијата, пред евакуацијата. Дилон е уверен дека со придржување до оваа стратегија во првите 60 минути после детонацијата може да се спасат 10.000 до 100.000 животи од изложување на фаталната радијација.

Како да се заштитите од вдишувањето на честичките?

Научниците велат дека после ваков настан не можеме да бидеме сигурни колку време ни е потребно за преместување во посигурно засолниште.

Доколку се појави пожар додека луѓето се надвор, совет е да се легне на земја со лицето надолу и така да се заштити изложената кожа додека не помине ударниот бран, а исто така треба да се покријат устата и носот со материјал за да се филтрира вдишувањето на честички.

Ако не видите печурка после експлозијата и не можете да процените каде е, побрзајте што поскоро во подобро засолниште. Најважно е да се избегне првиот радиоактивен врнеж во оваа невозможна ситуација.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука