X
 04.04.2015 Култура

Четири години "Факултети.мк"

Денес е четврти ден од четвртиот месец во годината. За многумина ова ќе биде уште една сабота за пиење кафе со друштвото, но за нас е денот на кој пред четири години пред сите се претставивме како „Факултети.мк“.


Се' започна со една едноставна, но генијална идеја. Ја препознавме потребата од едно место на кое може да се најдат сите информации за студентите. Планот беше да го овозможиме создавањето на таквото место. Тогаш студенти, работевме напорно на дизајнирање, програмирање, пишување и наоѓање информации за резултатот да биде барем близу до посакуваната цел. Реакцијата од јавноста ни покажа дека добивме многу повеќе од посакуваното.

Четири години подоцна, „Факултети.мк“ е препознатлив бренд, медиум и студентски информатор посетуван од илјадници сегашни и идни студенти секојдневно. Три години по ред сме прогласувани за најпопуларен сајт на годината според гласовите на публиката. Овие награди ни покажуваат дека треба да продолжиме понатаму и да се трудиме да бидеме уште подобри!

Стотината интервјуа со успешни студенти и професионалци, влијателни лица и компании од земјата и светот; илјадниците текстови и известувања во областа на образованието; илјадниците објавени можности за студирање, работа, пракса и престој во странство; стотината објавени студентски колумни; стотината соработници од земјата и надвор се само дел од нашите достигнувања досега. Но, ние не застануваме тука.

Следуваат уште многу нови проекти, соработки, можности за сите млади луѓе кои ги подготвуваме за нашите читатели. Секојдневно работиме на зголемување на нашиот квалитет за да го направиме „Факултети.мк“ место за учење, дознавање и добивање, наместо губење време. Нашата мисија е да бидеме едукативни, иновативни и различни и ве уверуваме дека тоа ќе го добивате од нас и во иднина.

Ви благодариме што не' читате, не' сакате, ни помагате и не' поддржувате веќе четири години.

Продолжуваме понатаму...

Тимот на Факултети.мк


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура