Последниве години научниците забележаа необично однесување на грбавите китови кои создаваат совршено кружни форми во водата - како прстени од чад, но направени од воздух. И додека овие меурчиња се фасцинантни за набљудувачите, новото истражување покажува дека тие може да имаат поголемо значење: тие се обид за комуникација. Можеби дури и со нас.
Истражувачите поврзани со проектот „Вејл СЕТИ“, кој соработува со американскиот Институт за пребарување вонземна интелигенција (СЕТИ), веруваат дека ваквите однесувања можат да ни помогнат да разбереме како нечовечките суштества - вклучително и оние од други планети - може да се обидат да стапат во контакт.
Иако грбавите китови долго време користеле меурчиња за лов или додворување, научниците сега забележале случаи кои не можат да се поврзат со хранење или репродукција. Во 12 документирани ситуации низ целиот свет, 11 кита им се приближиле на луѓе - пливачи или чамци - и создале вкупно 39 прецизно обликувани прстени од меурчиња.
Комплексни заедници
Д-р Фред Шарп, еден од водечките автори на студијата, верува дека ова би можело да биде свесен чин на интеракција.
- Китовите живеат во сложени заедници, имаат богат речник, користат алатки и соработуваат со други видови. Ова однесување е како еден вид тест - се обидуваат да комуницираме и ја набљудуваат нашата реакција - вели тој.
Научниците веруваат дека разбирањето на овие форми на љубопитност кај китовите може да нè научи како да препознаваме слични сигнали од вселената - ако некогаш ги добиеме. Според д-р Лоренс Дојл од Институтот СЕТИ, една од основните претпоставки за потрагата по вонземјани е надежта дека овие суштества ќе сакаат да стапат во контакт - исто како што китовите можеби се обидуваат да го сторат тоа сега.
Коавторката на студијата, Џоди Фредијани, истакнала дека китовите не само што не бегаат од луѓето, туку и намерно им се приближуваат и создаваат меурчиња при ваквите средби. Ова сè повеќе сугерира дека не сме сами - барем кога станува збор за љубопитноста и потребата за поврзување.
Извор: klik.hr
Фото: Freepik