X
 26.11.2016 Живот

Фидел Кастро преживеал дури 600 обиди за атентат

„Сите нам еден ден ќе ни дојде времето“, изјавил Фидел Кастро на конгресот на Комунистичката партија во април 2016-та. Тоа било доволно неколку делегати да заплачат.



Повеќето Кубанци никогаш не живееле без Фидел. За време на неговото владеење од 1959 до 2006 година, тој им пркосел на десет американски претседатели. Воспоставил комунистички режим пред вратите на Америка и наводно преживеал дури 600 обиди за атентат.

Роден бил на 13 август 1926 година во Биран во источниот дел на Куба, како дете на вонбрачна врска помеѓу шпанскиот имигрант Ангел Кастро кој подоцна станал земјопоседник и неговата слугинка. После раѓањето на Фидел, неговите родители ја легализирале врската.

На училиште одел со децата на работниците на фармите и уште од раното детство бил сведок на сиромаштијата во која живееле повеќето Кубанци. Студирал право во Хавана и се вклучил во политиката уште додека бил студент. Младиот Кастро не ги криел своите амбиции. На колегите им велел дека сака слава и углед. Воопшто не живеел како револуционер, се облекувал доста примерно и возел кабриолет. После завршувањето на студиите отворил адвокатска канцеларија, но политиката останала да му биде страст. Во 1952 година се кандидирал за место во парламентот, но државниот удар предводен од Фулгенсио Батиста ги спречил изборите.

Диктатурата на Батиста го запрела Кастро да продолжи да ја развива кариерата и го претворила во револуционер. Една година подоцна, тој заедно со уште неколку другари ја нападнале касарната во Сантијаго. Обидот за удар бил толку лошо испланиран што војската лесно го спречила, а заговорниците биле уапсени.

„Осудете ме. Не ми е грижа. Историјата ќе ме ослободи“, рекол Кастро. Бил осуден на 15 години, меѓутоа бил ослободен после 2 години откако Батиста прогласил општа амнестија. Со својот брат Раул отишол во Мексико и таму започнал да создава нова револуционерна група. Го запознал младиот аргентински доктор Ернесто Че Гевара кој подоцна му станал соборец.

Кастро се вратил во Куба во 1956 година, носејќи со себе повеќе од 80 герилци. После почетните порази и загуби, групата постепено добивала се' повеќе членови. Во 1958 година тргнале во успешна офанзива против армијата. Батиста побегнал од земјата, а Кастро на 1 јануари 1959 година прогласил победа на револуцијата.

Кога започнал да владее со Куба, ги кршел човековите права и ги пригушувал демократските обиди. Ги национализирал имотите на странските компании што заедно со реформите на земјата довело до конфликт со Америка. Вашингтон вовел трговско ембарго, кое е на сила и денес, и организирал неуспешна инвазија на противниците на Кастро во Заливот на свињите во 1961 година.

Сојузништвото на Кастро со Советскиот Сојуз и испораката на советските проектили во Куба во 1962 година за малку не предизвикале нуклеарна војна.

„Кастро покажа дека е возможна социјалистичката револуција во Третиот свет. Бесплатното образование и здравствената заштита се глобално признати достигнувања“, вели Берт Хофман од хамбуршкиот институт за латиноамерикански студии.

После распаѓањето на Советскиот Сојуз Куба паднала во длабока економска криза. Многу Кубанци се сеќаваат на сиромаштијата во почетокот на 90-тите. За среќа приходите од туризмот и нафтата од богатата Венецуела му помогнале на социјалистичкото лидерство да се спаси.

Фидел ја напуштил власта во јули 2006 година поради тешка, но никогаш објаснета болест. Две години подоцна неговиот брат Раул официјално го наследи неговото место. Раул ја нема харизмата како неговиот постар брат, но не наишол на никаков отпор во преземањето на функцијата, а во 10 години управување со државата вовел и елементи на либерализација.

Фидел останува моќен симбол. „Тој е неопходен и како жив идеал и како идеално оправдување особено сега кога односите се потопли со Америка“, вели неговиот биограф Волкер Скиерка.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот