X
 26.11.2016 Живот

Мистериозната смрт што го разбранува Косово


Астрит Дехари, момчето што мистериозно почина во затвор во Косово

Мистериозната смрт на Астрит Дехари (26), студент на медицина, активист на најголемата опозициска партија на Косово - Ветевендосја (понатаму во текстот - ВВ, Самоопределување), во притворската единица на Окружниот затвор во Призрен, ја разбранува косовската јавност и предизвика огорченост и страв кај граѓаните заради намалената безбедност, непочитување на правниот систем и неодговорноста на државните институции. Целиот случај е проследен со бурни реакции и контрадикторни информации, додека државните органи молчат и бараат случајот да не се политизира.

Астрит Дехари починал на 5 ноември во притворската соба, а смртта настапила додека неговите колеги биле на попладневна прошетка во дворот на зградата, а тој останал да ја средува заедничката соба. Астрит бил уапсен заедно со пет активисти на Ветевендосја, под сомнеж дека на 4.8.2016 година извршиле напад врз зградата на косовското Собрание со граната, под обвинение за најтешко кривично дело „тероризам“, иако ни после 68 дена од апсењето не било подигнато обвинение против него.

Неговата мистериозна смрт предизвика сомнеж кај родителите, но и кај партиското раководство, кои го посетиле еден ден претходно, а за смртта дознале од медиумите, не од затворската управа. Заради сомнежот предизвикан од начинот на кој постапувале државните органи, тие инсистирале на аутопсијата да присуствуваат и двајца независни патолози од Албанија и Англија, одредени од семејството на починатиот.

Првите резултати од аутопсијата упатуваат дека смртта настапила со асфиксија (гушење) предизвикано од цврст предмет, односно пластично шишенце за мед набиено длабоко во грлото. Истата констатација по конечната експертиза на Институтот за судска медицина во Приштина и прелиминарните резултати на истражните дејствија на Основното обвинителство во Призрен ја даде и (14 дена по смртта) главниот обвинител, Силе Хоџа. Тој, врз база на поширокиот извештај за експертскиот наод, во изјавата пред новинарите заклучи дека „Дехари извршил самоубиство и дека засега нема осомничени“, додавајќи дека истрагата продолжува.

За самоубиство зборува само државниот обвинител

Адвокатот на семејството Дехари, Том Гаши, и движењето ВВ веднаш реагираа против извештајот, оценувајќи ја изјавата на обвинителот Хоџа како нецелосна и неприфатлива.
„Можам да кажам дека аутопсијата е извршена многу стручно, но извештајот на обвинителот не е во корелација со она што го видовме тој ден, дека извештајот прилично доцнеше, дека целата постапка е пропратена со големи пропусти и контрадикторни изјави, што наведува на сомнеж дека наодите од вештачењето не се онакви како оние што се пронајдени“, изјави професорката на медицинскиот факултет, Атиџе Љатифи - Поповци, која ја надгледувала аутопсијата.

И таа смета дека овој случај заслужува независна експертиза заради повредата на целокупната постапка.
Заради ваквите шпекулации, контрадикторни изјави и создадената конфузија и недовербата на јавноста во државните институции, неколку невладини организации на Косово со заедничко писмо ги повикаа Amnesty International, Human Rights Watch и Советот на Европа што побрзо да реагираат во случајот со прераната и трагична смрт на Астрит Дехари. Во писмото истакнуваат дека Дехари е притворен заради напад со граната врз зградата на Парламентот во Приштина, на 4 август 2016 година, обвинет е за тероризам и задржан 68 дена во притвор без официјално обвинение од страна на обвинителот.

Дали Дехари е жртва на државните органи?

Заради тежината на случајот, движењето ВВ и другите партии од опозицијата бараа Собранието на Косово да расправа за случајот и да усвои резолуција, со објаснување дека „Дехари е жртва на државните органи“, а лидерите на тие партии директно ја обвинија Владата и нејзините институции за смртта на Астрит Дехари. Парламентарното мнозинство го отфрли нивното барање, а претседателот на Парламентот, Кадри Весели, побарал од партиите „да не се политизира овој трагичен случај заради политички поени“ и дал ветување дека државните органи ќе одат до крај во расветлувањето на вистината.

Но, револтирани од смртта и однесувањето на институциите на власта, илјадници студенти, средношколци, активисти на цивилното општество и граѓани протестираа ширум Косово, а најавуваат и нови протести на кои ќе бараат „вистина за причината за смртта и одговорност од државните институции кои се повикани да обезбедат сигурност во затворите и да го почитуваат правниот систем на Косово и меѓународните стандарди“.

Заради создадената недоверба и се поголемиот притисок од јавноста и дипломатите на ЕУ и САД во Косово, вклучително и министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон, кој на свечена седница во косовскиот Парламент неколку дена по смртта на Дехари бараше тој случај да се испита до крај, Министерството за правда на Косово соопшти дека пратиле официјално барање до Велика Британија да испрати екипа од Скотланд Јард на Косово, што ќе спроведе независна истрага за овој случај.

Се јави и обвинителот Метуш Бирај, кој го истражува случајот „Дехари“ со изјава дека Обвинителството сега се занимава со мотивите за смртта и додаде дека форензичките резултати ќе покажат кои се мотивите за „самоубиството“. Тој истакна дека заради тоа се земени за анализа и некои писма што ги пишувал покојниот Дехари и најавено е повторно испитување на четворицата сведоци.

Расте недовербата во институциите на системот

Контрадикциите за оваа неразјаснета смрт почнаа кога шефот на  регионалната полиција во Призрен изјави дека Дехари починал „од  употреба на преголема доза на разни лекови“, што подоцна го негираше. Потоа главниот регионален обвинител по обдукцијата изјави дека смртта настанала како последица на гушење со цврст предмет. Ситуацијата стана уште помагловита откако една приватна телевизија, додека истражните постапки се' уште беа во тек, а потоа и  други медиуми, објавија снимки од сигурносните видео-камери од затворските простории, што предизвика уште поголеми недоумици, особено откако е утврдено дека манипулацијата со снимките од камерите е многу едноставна.

И независните новинари и граѓаните на Косово сметаат дека оваа земја стана опасна за живеење затоа што се прогонуваат неистомислениците, се апсат и убиваат оние со различни политички убедувања, како за време на режимот на Слободан Милошевиќ. И никој од власта не понесува одговорност, како ништо да не се случило. Кога нешто вакво би се случило во некоја од европските држави би паднала цела влада, додека на Косово не се суспендирани ниту затворските стражари кои биле на смена тој кобен ден.

Целата вистина за смртта на Астрит Дехари, на која инсистира косовската јавност, ќе биде тест за државните институции - да докажат дали се определени за градење на правна држава, европски стандарди, евроатлански интеграции, како и можност да се врати разнишаната доверба.

Извор: Al Jazeera
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот