X
 16.08.2025 Живот

Како изгледа јужнокорејскиот „затворски“ хотел каде што гостите плаќаат за да поминат време заклучени во ќелија

Заборавете на луксузните хотели и гламурозните одмори. Јужнокорејците сè почесто се одлучуваат за лажен затвор како начин да се справат со стресот од секојдневниот живот.

„Затвор во мене“ (англ.Prison Inside Me) од 2013 година нуди искуство слично на престој во вистински затвор, при што гостите плаќаат за да поминат 24 или 48 часа заклучени во затворска ќелија. Условите се ограничени, а учесниците престојуваат во целосна тишина. Иако не звучи како типичен одмор, токму тоа е и целта.

Екстремно конкурентната култура меѓу студентите и вработените во Јужна Кореја е делумно одговорна за високите стапки на стрес, нарушувања во спиењето и самоубиства.

Сосопственичката на проектот Но Џи-Хјанг го отворила овој објект за да им понуди на луѓето начин целосно да се исклучат од стресното секојдневие, макар на ден или два.

 
„Затвор во мене“ се наоѓа во руралниот Хонгчон, надвор од Сеул. Објектот е далеку од просечен хотел. Ноќевањето во приватна ќелија чини околу 90 долари за 24 часа. Лажниот затвор им овозможува на учесниците да го остават зад себе стресот и секојдневните одвлекувања на вниманието, и да најдат привремен мир во тишина и изолација.

По пристигнувањето, учесниците ги предаваат своите мобилни телефони и часовници и добиваат неколку основни потреби, меѓу кои и сина затворска униформа. Како што може да се претпостави, собите за гости во „Затвор во мене“ многу личат на вистински затворски ќелии.

Сместувањето е скромно. Учесниците престојуваат во мали, оскудно опремени ќелии со површина од само 5 квадратни метри. Иако се мали, ќелиите се опремени со основните потреби за краток престој. На пример, во секоја соба има тоалет, но нема огледало.

Откако ќе ја добијат униформата и залихи, учесниците прават кратка прошетка на отворено, пред да се „затворат“ доброволно. За време на престојот, „затворениците“ јадат скромни оброци. Стандардниот оброк, на пример, се состои од варен батат и млечен шејк од банана.

Извор: BIZlife
Фото: Pexеls
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот