X
 16.11.2018 Наука

Во најсувата пустина на Земјата дождот носи смрт

Во најсувата и најстара пустина во светот - место кое е толку бесплодно и пусто што е пекол на Земјата - работите не функционираат како што функционираат на другите места.

На пример, со водата. За водата мислиме дека е благослов кој дава живот, но во безводното јадро на пустината Атакама во Чиле дождовите се нешто сосема спротивно - клетва која носи смрт, гасејќи го животот.

Се смета дека јадрото на Атакама останало во практично постојано безводна состојба околу 15 милиони години и нема некои записи за значителни врнежи во изминатите 500 години.

Тоа се смени пред неколку години кога во пустината беа забележани врнежи во март и во август 2015 година, а потоа и во јуни минатата година.


Краткотрајна оаза во пустината
Фото: Science Alert

Долгата суша беше прекината, а беа уништени формите на живот кои еволуирале за да можат да го издржат безводниот екосистем и кои не можеа да го издржат дождот.

- Кога дождот дојде во Атакама, се надевавме на величествено цветање и живот во пустината. Наместо тоа, го видовме спротивното - дождот во безводното јадро од пустината предизвикал масовно исчезнување на повеќето локални микробни видови - истакнува астробиологот Алберто Фаирен од Универзитетот „Корнел“ од Њујорк.


Ретка глетка - виножито во Атакама
Фото: Science Alert

Пред дождовите, примероците од почва земени од регионот Јунгај, лоциран во јадрото на пустината, покажале докази за 16 различни типа микробни видови. По дождовите анализите на почвата покажале дека популацијата на микроби во Јунгај доживеала масовно изумирање, се проценува дека исчезнале од 75 до 87 отсто од претходно забележаните видови, иако дождовите помогнале за развој на животот во други делови од пустината.

- Нашите резултати првпат покажуваат дека големи количини вода за микроорганизмите што се адаптирани да извлекуваат скудна и неуловлива влага од најсувата околина предизвикува осмотски шок - вели Фаирен.

Осмотскиот шок се случува кога супстанциите растворени во течноста околу клетката одеднаш се менуваат во концентрација, што за возврат брзо го менува текот на водата низ мембраните на клетката, предизвикувајќи акутен стрес.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука