X
 13.06.2017 Култура

Владимир Набоков, автор на Лолита - за книжевноста и уметноста

nabokov

Владимир Набоков секако е еден од најпознатите и највлијателните писатели во историјата на светската литература. Поради неговата луцидност, маестралната техника на пишување и живописни јунаци, може да се каже дека тој воедно е и еден од најсаканите писатели меѓу читателите.

За неговите дела се пишувало многу. Се чини дека Набоков до денес остана неисцрпен извор на инспирација за критичарите и литературните теоретичари, па така и тие, и читателите му се враќаат повторно и повторно.

Уметноста за Набоков е есенција за животот, единствената неопходност на човекот и единствената потреба.

„Социјалната и економската структура на една држава не ме интересираат. Моите желби се скромни. Портретите на главните лица од владата не би требало да ја надминат големината на една поштенска марка. НИкакви мачења и никакви погубувања. Никаква музика, освен онаа која доаѓа од слушалките или онаа која се свири во театрите. Слобода на говорот, слобода на мислите, слобода на уметноста“.

Пред сè се изјаснувал како уметник и често истакнувал колку во него е силна потребата за уметничко изразување.

„Немам никакви желби, освен желбите да се изразам пркосејќи на немоста на целиот свет“.

Уметноста за него било единственото засолниште, сигурно место на кое душата може да побегне и макар на момент да избега од суровиот свет. Така, неговиот можеби најпознат јунак Хамберт Хамберт ја завршува својата ода кон саканата Лолита говорејќи како уметноста е единствениот засолниште за нивната љубов.

„Размислувам за прабизоните и ангелите, за тајната на трајниот пигмент, за пророчките сонети, засолништето на уметноста. И ова е единствена вечност која ти и јас можеме да ја делиме, моја Лолита“.

Токму во „Лолита“, неговиот најуспешен и најдобар роман, зборува за начинот и улогата на пишаниот збор и со самото тоа уметноста во светот.

набоков

„Постојат нежни души кои би ја прогласиле „Лолита“ безначајна бидејќи не ги учи на ништо. Јас не сум ни читател ни писател со дидактичка фикција. За мене фиктивното дело постои само доколку само за да ми овозможи естетско блаженство, што е чувство дека постоите, некако и некаде, поврзани со други форми на постоење каде уметноста (љубопитноста, нежноста, добрината, екстазите) е норма“.

Токму оваа втора форма на постоење е самата уметност - книжевноста и фикцијата како такви се измислена реалност во која јунаците често доброволно се повлекуваат, избирајќи да живеат во свет кој не е реален, но за нив е единствено можен.

„Книжевноста е фикција. Фикцијата е фикција. Да се нарече приказната вистина е навреда и за вистината, и за уметноста“.

Можеби за некој за кој не е доволно запознаен со делата на Набоков, ова ќе му звучи како понижување на она што е фиктивно, измислено и мечтаено. Токму спротивното.

Хероите на Набоков секогаш се уметници, дури и тогаш кога се прикажани како не многу добри луѓе. Можеби најдобар пример за тоа е Хамберт Хамберт чии гревови и недостатоци се најочигледни.

Во обид да ја дефинира уметноста, Набоков ги понуди следните факти.

„Убавината плус жалењето - тоа е најблиску што можеме да ѝ се приближиме на дефиницијата за уметноста. Каде што има убавина има и жалење од проста причина што убавината мора да умре: убавината секогаш умира“.  

За Набоков литературата пред сите уметности е извор на благосостојба каква што не постои во животот.

„Иако читаме со умот, седиштето на уметничкото уживање се наоѓа помеѓу плешките. Тоа треперење на грбот сигурно е највисокиот облик на емоција која ја достигнало човештвото развивајќи чиста уметност и чиста наука“.

Литературата е вредна во секоја смисла, таа има свое влијание врз различни сфери од животот, но она што е најважно е само и само уметноста како таква. Затоа, во неговиот роман „Погледни Арлекине“, тој го порачува следното:

„Играј! Измисли свет! Измисли ја реалноста!“
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура