Европа е силно поделена на исток и запад кога станува збор за ставовите кон малцинствата и другите социјални прашања, како што се правата на хомосексуалците, абортусот, покажуваат резултатите од истражувањата.
И покрај падот на железната завеса и проширувањето на Европската Унија кон исток, ставовите на луѓето од Централна и Источна Европа се значително различни од оние во Западна Европа, според истражувањето спроведено од Истражувачкиот центар „Пју“ на примерок од 56.000 возрасни.
На прашањето дали би биле спремни да ги прифатиме муслиманите и Евреите како семејство, помалку од половина од испитаниците во речиси сите земји на Централна и Источна Европа изјавиле „да“, додека во Западна Европа потврдно одговориле повеќе од половина луѓе. Исклучок од овој тренд се само Италија и Хрватска.
Ерменија е земја која најмалку го прифаќа малцинството, со 7 отсто од луѓето што рекле дека се отворени кон идејата да ги прифатат муслиманите како членови на семејството. 28 отсто истото го изјавиле за Евреите. Холандија беше лидер - 88 отсто од луѓето би ги прифатиле муслиманите и 96 отсто би ги прифатиле Евреите.
Според агенцијата „Пју“, ставовите кон верските малцинства во регионот одат рака под рака со различни национални идентитети. Со неколку исклучоци, луѓето во Централна и во Источна Европа сметаат дека христијанството - православни, католици и протестанти - е важен дел од нивниот национален идентитет, а повеќето од луѓето во западноевропските земји сметаат дека ова е неважно.
Слична географска поделба е очигледна и кога станува збор за друг вид национализам: културен шовинизам. Жителите на Централна и на Источна Европа сметаат дека нивната култура е супериорна во однос на другите. Земји во кои овој став е најмногу застапен се: Грција, Грузија, Ерменија, Бугарија, Русија, Босна, Романија и Србија.
Истражувањето генерално укажува на поделбата на Европа со високо ниво на верски национализам на исток и поголема отвореност кон мултикултурализмот на запад. На прашањето за истополови бракови во сите западноевропски земји вклучени во истражувањето, повеќето луѓе ги прифаќаат истополовите бракови, за разлика од источноевропските земји каде што повеќето луѓе се противат на оваа идеја. Во Грузија, Ерменија, Русија и во Молдавија повеќе од 90 отсто од луѓето се против истополовите бракови, а 5 отсто или помалку се за. Најлибералните земји по ова прашање се Шведска, Данска, Холандија и Белгија.
Сликата е малку поразлична кога станува збор за абортусот, но трендот бил ист. Грузија со 85 отсто и Молдавија со 79 отсто се земји во кои луѓето најмногу биле против легален абортус, во споредба со само 3 отсто од Швеѓаните и 6 отсто од Данците.
Христијанството е мнозинска религија во 27 од 34 земји вклучени во истражувањето, со православието како доминантна религија на исток, католицизмот како религија во централна и во југозападниот дел на Европа и протестантизмот како главна традиција во Северна Европа.
Муслиманите зафаќаат половина од населението во Босна и се малцинство во Русија и во Бугарија, но во други земји претставуваат релативно мал процент од населението.
Луѓето без верска припадност зафаќаат најмалку 15 отсто од населението во сите западноевропски земји, иако
земјата со највисок процент на атеисти е Чешка - 72 отсто.